Свет
СЗО: Болницата Насер во Кан Јунис, по израелската воена опсада, повеќе не работи

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека болницата Насер во Кан Јунис, најголемата на југот на Појасот Газа, повеќе не работи по еднонеделната опсада на израелската војска и рација која продолжува.
„Вчера и завчера на тимот на СЗО не му беше дозволено да влезе во болницата за да ја процени состојбата на пациентите и критичните медицински потреби, и покрај тоа што стигна до болничкиот комплекс за да испорача гориво заедно со партнерите“, објави Гебрејесус на платформата „Икс“.
Според него, во таа болница има уште околу 200 пациенти, а најмалку 20 од нив мора итно да бидат препратени во други болници за да добијат соодветна здравствена заштита бидејќи, како што истакна, медицинската нега е право на секој пациент. пренесува палестинската агенција Вафа.
Генералниот директор на СЗО предупреди дека „пациентите ќе платат за доцнењето на помошта со своите животи“ и повика на полесен пристап до пациентите и до болницата за да се спасат.
Палестинската Црвена полумесечина денеска соопшти дека израелските окупациски сили истрелале артилериски гранати на третиот кат на болницата Ал-Амал во Кан Јунис.
Под силен израелски артилериски оган е и околината на болницата Ал Амал, која предизвика материјална штета, се наведува во соопштението на палестинската Црвена полумесечина.
Се додава дека израелските напади врз болницата Ал-Амал резултирале со смрт на десетици цивили, вклучувајќи пациенти и раселени лица, а израелските окупациски сили спречуваат влез на храна, медицински материјали и гориво во болницата, што доведува до хуманитарна катастрофа и прекин на работата на установата.
Во соопштението се наведува дека седуммина членови на палестинската Црвена полумесечина биле приведени при израелскиот воен напад на оваа болница пред девет дена и се уште се во израелски притвор.
Телекомуникациските услуги, вклучувајќи фиксни, мобилни телефони и интернет услуги, се прекинати во Кан Јунис веќе 34 дена, што доведе до прекин на комуникацијата меѓу различните тимови на Црвената полумесечина, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина за стратешкиот договор со Америка: „Ова е пресвртница“

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, го поздрави договорот за минерали потпишан со Соединетите Американски Држави како важна пресвртница во односите со Вашингтон и рече дека за тоа го информирал шефот на дипломатијата на Европската унија.
Договорот, за кој силно се залагаше американскиот претседател Доналд Трамп, а беше потпишан вчера во Вашингтон, на САД ќе им даде повластен пристап до новите украински лиценци за експлоатација на минерали и ќе ги поттикне инвестициите во обновата на Украина.
„Ова претставува важна пресвртница во украинско-американското стратешко партнерство насочено кон зајакнување на економијата и безбедноста на Украина“, напиша Сибиха на социјалната платформа „Икс“.
Тој рече дека ја информирал шефицата на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас за потпишувањето на договорот и дека разговарале за потезите за координирање на чекорите пред важните меѓународни настани.
„Разговаравме за неодамнешните дипломатски напори и следните чекори за постигнување фер и траен мир“, додаде Сибиха.
Договорот потпишан синоќа формира заеднички инвестициски фонд за обнова на Украина додека Трамп се обидува да обезбеди мировен договор во руската војна против Украина.
Договорот е клучен и за напорите на Киев да ги поправи односите со Трамп и Белата куќа, кои се влошија откако тој ја презеде функцијата во јануари.
Свет
Откриено е што му рекол Зеленски на Трамп на погребот на папата Франциско

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ги искористил 15-те минути со претседателот на САД, Доналд Трамп, на погребот на папата Франциско за да се обиде да го убеди да заземе поостар став кон Владимир Путин и да се фокусира на прекинот на огнот, дознава известувачот на Аксиос, Барак Равид од два извори запознаени со средбата.
Според овие извори, украинскиот претседател имал сериозни сомневања дали воопшто треба да се согласи на уште една средба со американскиот претседател по, како што ја нарекуваат во Киев, „катастрофата во Овалната соба“ на крајот на февруари.
Но, по неформалниот разговор во базиликата Свети Петар, Зеленски беше убеден дека за прв пат успеал делумно да влијае на мислењето на Трамп за Путин.
На враќање во САД во претседателскиот авион, Трамп невообичаено директно го критикуваше рускиот претседател на социјалните мрежи
„Поради овој напад на Киев, почнувам да мислам дека можеби тој воопшто не сака да ја запре војната. Можеби само ме завлекува и има потреба – банки или секундарни санкции? напиша Трамп, осврнувајќи се на неодамнешниот смртоносен руски воздушен напад врз главниот град на Украина.
Според извори на Аксиос, Зеленски уште пред погребот добил „сигнали“ дека Трамп можеби е подготвен за неформална средба. Ништо официјално не беше закажано, но двајцата лидери случајно се сретнаа на самиот влез во базиликата. Тие го искористија моментот и се повлекоа во една од страничните области, далеку од камерите и протоколот.
Во Киев сметаат дека разговорот бил поуспешен бидејќи овојпат не биле присутни потпретседателот Џеј Ди Венс и пратеникот на Трамп Стив Виткоф, кого Украинците го сметаат за проруски.
Зеленски му рекол на Трамп дека Путин „нема да попушти без дополнителен притисок“ и го повикал да се врати на неговиот претходен предлог за безусловен прекин на огнот. Овој предлог претходно беше прифатен од Украина, а Москва го отфрли.
Според еден од изворите, Трамп изгледал подготвен да се преиспита, иако Белата куќа не ја потврди или негира содржината на разговорот. Од кабинетот на претседателот Зеленски одбија да ги коментираат деталите.
Зеленски повтори дека Украина никогаш нема да го признае Крим како руска територија, а Трамп, според истите извори, јасно му рекол да не го бара тоа од него. Планот сега на маса се однесува на американското признавање на Крим како руска територија, а не како украинска.
Украинскиот претседател рече дека не е против компромис, но дека за тоа се потребни силни безбедносни гаранции. Во текот на разговорот, Трамп наводно му вршел притисок да го потпише американско-украинскиот договор за минерални суровини што е можно поскоро, за кои преговорите тогаш биле во напредна фаза. Инаку, договорот беше потпишан синоќа.
Зеленски, како што е наведено, планирал да гостува во емисијата на ABC, но интервјуто го откажал поради технички проблеми со преводот.
„Тоа беше многу добар состанок и Зеленски не сакаше ништо да ризикува“, рече еден извор.
Останува прашањето дали ќе трае новиот, поостар тон на Трамп кон Путин.
Во интервјуто за ABC News што беше емитувано неодамна, Трамп повтори дека „Путин можеби само се преправа“, но тој сепак тврди дека верува дека рускиот претседател сака да стави крај на војната.
Во меѓувреме, портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, рече дека Вашингтон е подготвен да се повлече од преговарачката улога доколку наскоро нема напредок.
Свет
Америка инвестира половина милијарда долари во развој на универзални вакцини

Соединетите Држави инвестираат 500 милиони долари во проект за вакцини, со цел да се развијат универзални вакцини кои штитат од повеќе видови на вируси одеднаш, објави „Волстрит журнал“.
Проектот вклучува производство на вакцини од хемиски инактивирани цели вируси, што потсетува на начинот на кој вакцините против грип беа развиени пред неколку децении, соопшти Волстрит журнал.
Овој потег е дел од она што Министерството за здравство и човечки услуги го нарекува „Генерациски златен стандард“ – универзална технологија за вакцини што претставува промена во финансирањето од проектите „Ковид-19“ кон студии за повеќе вируси, објави весникот.
Проектот, исто така, вклучува истражување на втора универзална вакцина против грип и универзални вакцини за коронавирус.