Македонија
Претпријатијата во Демир Хисар користат нафтени деривати опасни за здравјето, тврди партијата Левица
Јавните претпријатија во Демир Хисар користат нафтени деривати набавени од блиски фирми и донатори на СДС и ДУИ кои се опасни по животот и здравјето на населението, велат од политичката партија Левица.
„Иако навидум зелена општина со големи шумски пространства и “чист воздух”, Демир Хисар се труе со канцерогени честички а властите и надлежните не направија ништо да имплементираат “зелени” – алтернативни решенија за загревање на јавните објекти за кои се залагаат во нивните предизборни програми.
ЛО – Левица Демир Хисар направи едно мало истражување и дојде до фрапантни податоци кои велат дека неколку јавни претпријатија и установи во општината, свесно го трујат населението со нафтени деривати кои ослободуваат тешки канцерогени материи кои се испуштаат во воздухот при нивното согорување. Освен тоа што претпријатијата користат штетни деривати за загревање во текот на зимскиот период, истите во зависност дали се раководени од централната или локалната власт, набавуваат деривати од фирми чии сопственици се блиски пријатели со раководните лица на партиите па дури се и нивни донатори.
ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, користи канцероген мазут за кој троши милиони денари секоја година. Истиот го набавува исклучиво од “Супертрејд”, фирма на Владимир Стајиќ – семеен пријател на Заеви. Оваа установа согорува над 200 тони токсичен мазут годишно.
Државен Пазарен Инспекторат – Демир Хисар, користи екстра лесно масло како дел од групната набавка на ДПИ набавено од “Пуцко Петрол” на Асмир Јахоски кој е син на бившиот пратеник од ДУИ, Исмаил Јахоски.
Дирекција за Заштита и спасување – подрачно одделение Демир Хисар, користи околу еден тон екстра лесно масло набавено од “Пуцко Петрол” кој важи за еден од најголемите донатори во ДУИ а исто така нивниот сопствен е близок со раководството на партијата.
Агенција за катастар – одделение Демир Хисар, користи 30 тони екстра лесно масло, тендерска набавка од добавувачот “Пуцко Петрол”.
Министерство за одбрана – оддел Демир Хисар, користи 5 тони екстра лесно масло, набавувач “Пуцко Петрол.”
Пошта – Демир Хисар, користи над 5 тони екстра лесно масло набавено од “Тритерпол Петрол” , компанија која до 2019 беше во сопственост на близок пријател на Зоран Заев, воедно и донатор во СДСМ. Сега истата компанија е во сопственост на Љупчо Пецов на кој во 2014 година му беше изречена затворска казна од 9 години поради малверзации со трговија на Мазут (Предмет “Керозин”)
Освен што властите ја запоставија општината која е полна со депонии, ѓубре, нечисти улици, загадени реки и езера, успеаа да го загадат и воздухот со штетните нафтени деривати платени од џебот на граѓаните!“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

