Македонија
„Алкалоид“ АД Скопје со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот „омепразол“ во течна форма во светот

„Алкалоид“ во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти.
Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на „Алкалоид“, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти). Овие заболувањa се едни од најчестите во гастроентерохепатологијата, а се манифестираат со враќање на желудочната киселина во хранопроводот, што предизвикува нелагодност и можни долгорочни компликации.
Лекови од прв избор во третманот на рефлуксен езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата, од „Алкалоид“, е развиена течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.
Иновативноста на овој нов производ на „Алкалоид“ се базира на два посебни раствори содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен Омперазол за употреба. Производот има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои.
За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, компанијата инвестираше во наменски изработена машина соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот.
За пероралниот раствор Омепразол „Алкалоид“ го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар и за пазарот во Обединетото Кралство.
Во тек се регистрациските постапки за земјите во Европа и за пазарите на Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и негово последователно лансирање. Овој производ ја потенцира посветеноста на „Алкалоид“ на врвни достигнувања во сферата на фармацијата и претставува новина во генеричкото производство на лекови преку иновативност, пазарна диференцијација и преку третман на специфични групи пациенти.
Во моментов во развојните лаборатории на компанијата се работи на уште неколку иновативни формулации.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.