Македонија
„СДС да го поддржи предлог законот за продолжување на важноста на пасошите“, повика ВМРО-ДПМНЕ
„СДС да го поддржи предлогот законот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на пасошите, народот не смее да биде заробен со месеци. Над милион наши сограѓани немаат пасош, и тие се заробени и им е ограничено движењето, главен виновник за тоа е СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Спасовски и Ковачевски знаеја дека ќе дојде до крах на системот и направија две клучни грешки:
1. 2 и пол години издаваа пасоши чија важност знаеја дека ќе истече пред времето на кое се издадени заради договорот што го потпишаа и така директно оштетија стотина илјади граѓани.
2. Пред формирање на техничка влада ја оставија државата без обрасци за пасоши, мислејќи дека ќе креираат тензија.
Заради СДС сега има неколку стотина илјади пасоши помалку издадени од тоа што можело да се издадат, со постоечките капацитети. Дополнително заради нив има и општ застој, затоа што имале доволно време да ги зголемат капацитетите.
За народот нема друго решение, освен предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ и да се продолжи важноста на пасошите. Народот не смее да остаме заробен без можност слободно да се движи. Народот со право вели дека немаме држава и таа треба да се врати“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Министерството за животна средина да ја одземе одземе интегративната дозвола на ТИТАН УСЈЕ, побара пратеникот на Левица
На седницата за пратенички прашања, пратеникот од Левица Реџеп Исмаил, повикувајќи се на податоци од меѓународни организации, сподели податоци за зголемување на смртноста поради загадениот воздух.
„Според податоци на УНИЦЕФ (коишто за жал датираат од 2018 Г.) дури едно од девет новороденчиња умираат поради загадениот воздух. Според новите истражувања на меѓународни организации, дури пет илјади и петстотини предвремени смртни случаи, има секоја година, токму поради аерозагадувањето во Скопје.“
Пратеникот истакна дека и покрај зголемувањето на бројот на смртните случаи и респираторните заболувања од година во година, Македонија увезува отпад за којшто, како што оцени, нема капацитет да го контролира или обработи.
„Македонија увезува многу, многу повеќе отпад од она што самата го генерира. На пример, ЕУ обработува само триесет проценти од отпадот којшто го генерира. Другите седумдесет проценти од генерираниот отпад во ЕУ се извезува во трети земји.“
Потсетувајќи дека државата нема капацитети ниту да го контролира ниту да го обработува увезениот отпад и земајќи ја во предвид кривичната пријава на Град Скопје за работата на ТИТАН УСЈЕ, која, како што рече, три години е заклучена во фиока, Исмаил го праша Министерот за животна средина дали барем времено ќе ја одземе интегрираната дозвола за работа на ТИТАН УСЈЕ, барем додека не биде завршена постапката.
„Град Скопје пред три години има поднесено кривична пријава во врска со работењето на Усје и по истата нема никаков исход. Нели мислите дека крајно време е (земајќи во предвид дека има кривична пријава која три години стои во фиока) да ја одземате оваа интегративна дозвола на ТИТАН УСЈЕ барем привремено, додека не се реши исходот од оваа кривична пријава?“
Од говорница, Исмаил побара од новиот Министер за животна средина Мухамед Хоџа да изврши мерења на квалитетот на воздухот во индустриските капацитети од независни и акредитирани институции и лаборатории.
Македонија
Митрески: До кога владата ќе си игра мајтап со работниците
Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати две прашања до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, а се однесуваа на минималната плата за која, како што велат од СДСМ, владата не сака да даде конкретни одговори, а е најниска во регионот, како и за високите цени за кои граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.
„Некако кога се зборува за минималната плата и она што го давате како одговор создава впечаток во јавноста дека владата не сака да даде конкретни одговори.
Зошто ова го кажав: претходно, во однос на износот на минималната плата, се кажа и денес дека не е најниска и дека се прави погрешна споредба со другите земји од соседството, дека наводно таму е бруто, а кај нас нето-плата.
Не е точно. Правиме споредба помеѓу нето минималната плата кај нас и нето минималната плата во соседството и за жал дојдовме да сме на најниско ниво.
Повисока минимална плата од нас имаат дури и некои земји кои се формираа како независни пред само неколку години. До тоа ниво сме стигнале.
Се разбира, користејќи ПР-изјави, продолжувате да кажувате дека ’и ние сме за повисока минимална плата, не само 500.000 евра, и илјада евра нека е, јас сум и за 2.000 евра‘, ама да се договорат работниците и работодавачите“, тоа во превод звучи како да кажете „што да се договорат волкот и јарето што вечер да вечераат“.
Се дојде до ситуација да треба да се договори помеѓу чеканот и наковалната – тие што ги даваат платите и оние што треба да ги примаат.
Едно образложение кое држи вода, кое го давате како министер за економија, е дека треба да се договорат затоа што може да дојде до отпуштања на работници или затворање на компании. Да ја изгубат работниците не само платата, туку и својата работа.
Почитуван министер, до кога ќе играте мајтап со работниците“, прапа Митрески.
Ако чекаме на договор помеѓу работниците и работодавачите, додаде тој, договорот како што вели, никогаш нема да се случи.
„Волкот и јагнето, почитуван министер никогаш нема да се договорат. До кога ќе капитулирате пред оние кои трупаат богатства на грбот на работниците“.
Второто прашање на пратеникот од СДСМ беше поврзано со цените.
„Очигледно, никој не оди во продавница да види што е тоа што се случува. Сега проблем е што граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.
Прашањето е до министерот за економија: имаме ситуација откупот на млеко да биде од 29-31 денар за домашните млекари. Истите млекари продаваат литар млеко во маркет за 85 денари.
Фактички, ем земјоделците не се задоволни поради тоа што се случува, ем граѓаните плаќаат висока цена за готов производ во маркетите. Значи остваруваат некој екстра профит.
Поднесовме закони како опозиција, кои мислевме дека ќе придонесат за намалување на цените, но тие не беа прифатени.
Поднесовме мерки кои биле ветени во програмата, пред избори и тие не беа прифатени. Кажавте дека ќе се донесат кошнички. Донесовте, божиќна, велигденска, рамазанска, училишна. Денес имате изјави дека тие мерки не дале резултати, па моето прашање е: што ќе преземете за ова да не биде на штета на граѓаните, како што е со минималната плата на штета на работниците“.
Македонија
Спасовски: Македонските граѓани плаќаат најскап зелен картон во регионот
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во однос на високата цена на зелениот картон на автомобилите кој што им е потребен на граѓаните за патувања надвор од државата.
Прашањето се однесуваше на заштитата на трети лица и нивниот имот од последиците од сообраќајни незгоди, како сопственици на моторни возила кои се должни, согласно закон, да имаат осигурување при регистрација и технички преглед на возилата-односно внатрешно осигурување за територијата на државата. Спасовски посочи дека ова прашање го поставил и писмено уште на 12 февруари годинава, но од министерката до денес не добил одговор.
„Ова е прашање за кое и граѓаните на Македонија си го поставуваат како една од важните теми. Тоа се однесува на заштитата на трети лица и нивниот имот од последиците од сообраќајни незгоди, како сопственици на моторни возила кои се должни, согласно закон, да имаат осигурување при регистрација и технички преглед на возилата-односно внатрешно осигурување за територијата на државата.
Меѓутоа, постои и можност за сите оние што патуваат во странство, имаат обврска да обезбедат, односно да купат осигурување за странство или таканаречена зелена карта за осигурување. Тие не купуваат само меѓународна потврда за осигурување на возилото, туку прават проширување на осигурувањето со важност и за странство. Овој документ сè уште е неопходен за влез со моторни возила во која било држава во Европа која во моментот за патничките возила изнесува околу 5.500 денари со важност од една година.
Цената на зелениот картон во земјите од регионот е значително пониска од цената во Македонија, изнесуваат 5 или 10 евра, кои се плаќаат заедно со регистрацијата и при обезбедување на осигурителната полиса и за внатрешно осигурување. Моето прашање е дали се планира поинаков пристап во однос на обезбедувањето на зелениот картон, односно намалување на неговата цена, бидејќи постојат повеќе начини и механизми како да се дојде до намалување на цената на зелениот картон.
Ги имам сите анализи, како и законски измени во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, имаат посебни договори со еден од дел од државите, во кои може да се влегува со билатерални договори без зелен картон. Впрочем, Македонија има таков билатерален договор со Словенија,една од ретките држави каде што ниту македонските, ниту словенечките регистарски таблици имаат потреба да покажуваат зелена карта.
Затоа прашувам дали Владата, односно Министерството за финансии, планира одредени измени на цената, со тоа што ќе може да им се помогне на граѓаните да не плаќаат толку висока цена, а да имаат нормално движење надвор од државата, како што тоа е решено кај нашите соседи. Ако погледнеме, секоја од државите во опкружувањето околу нас плаќа 5 или 10 евра заедно со внатрешното осигурување и притоа може да се движат и надвор од својата држава, односно во регионот и пошироко“.

