Македонија
Демири: Нови грант проекти за три здравствени установи од Јапонска амбасада
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева денеска присуствуваа на потпишувањето нови грант-проекти во рамки на Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човечка безбедност, во организација на Амбасадата на Јапонија. Директори на три јавно здравствени установи потпишаа договори со јапонската амбасада.
„Со особена чест денеска присуствувам на церемонијата за потпишување нови грант-проекти во рамки на Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човечка безбедност, во организација на Амбасадата на Јапонија.
Посебно ме радува што со овие грантови се опфатени три јавни здравствени установи, како што се: Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, која се зајакнува со нов апарат за ултразвук; Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, каде е предвидено реновирање на подовите и вратите; додека за Здравствениот дом Неготино е предвидена набавка на нов дигитален рендген апарат“, рече Демири.

„Амбасадата на Јапонија е наш партнер во заложбите за унапредување на квалитетот на здравствените услуги и зајакнување на капацитетите на јавното здравство.
Во оваа прилика, сакам да истакнам дека показател за одличната соработка која ја негуваме со Јапонија и јапонската амбасада се бројните реализирани проекти во областа на здравството и вредните инвестиции кои досега се реализирани во над 70 јавни здравствени установи низ целата држава.
Упатувам посебна благодарност до амбасадорот Оцука Казуја и јапонската амбасада за овој значаен придонес и честитам за 30 години дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и Јапонија. Уверен сум дека успешната соработка ќе продолжи со уште позасилено темпо во иднина“, изјави Демири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Нов буџетски форум, со центарци денеска ги дефинираме приоритетите за 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува сите жители да присуствуваат на буџетскиот форум за 2026 година, кој ќе се одржи денеска, 10 декември, во 19:00 часот, во ООУ „Димитар Миладинов“.
Форумот претставува можност граѓаните директно да се запознаат со општинските политики, да предложат проекти и идеи што ќе придонесат за подобрување на условите за живеење и да бидат дел од оформувањето на буџетот за наредната година, известуваат од Општината.

„Заедно со граѓаните реализиравме голем број успешни и значајни проекти, а така ќе биде и во наредниот период. Ги поканувам центарци да ги дефинираме приоритетите што ќе придонесат за развој на нашата општина,“ истакна Герасимовски.
На форумот ќе учествуваат раководителите од општинската администрација, претставниците на месните и урбаните заедници, претставници на невладиниот сектор, како и сите жители што сакаат активно да учествуваат во формирањето на општинскиот буџет.
Општина Центар останува посветена на транспарентно, отчетно и инклузивно донесување одлуки, со цел да се обезбедат проекти што ги одразуваат реалните потреби на заедницата, се додава во соопштението на Општината.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Институциите гледаат, знаат, намерно молчат – само за пари и профит
Пратеникот на партијата Левица, Амар Мециновиќ, на Анкетната комисија иницирана од родителите на загинатите во Кочани, истакна дека централниот елемент на дискусијата треба да биде недостатокот на одговорност од страна на институциите. Тој истакна дека кога се случи трагедијата, на сите им било јасно дека системот потфрлил, но проблемот, според него е во тоа што институциите се изземени од одговорност заради приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин.
„Централниот елемент на ова дискусија треба да биде дека во оваа држава некој дозволува да не се следат законите, да не се следат прописите и да не постапуваат институциите само заради една работа, а таа работа не ја кажа никој тука, тоа се парите. На нас трагедии ни се случуваат затоа што институциите молчат пред приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин. Институциите молчат пред луѓето кои имаат политички врски само за да генерираат профит. Тоа го видовме и од преписките кои излегуваа во медиумите и од процесот. Значи нашите институции гледаат, знаат, намерно молчат“, истакна Мециновиќ.
Понатаму во своето излагање Мециновиќ праша каде завршуваат парите заради кои институциите гледаат, молчат и со тоа потфрлаат.
„Мене ми е апсурдно да зборуваме за процедура денеска. Ние конечно треба да се одважиме да го одговориме прашањето – Каде завршуваат крвавите пари заради кои се случуваат овие трагедии?“.
Македонија
Уште 10 дена за аплицирање за ваучери за ИТ уреди, известува Министерството за дигитална трансформација
Министерството за дигитална трансформација известува дека остануваат уште 10 дена за аплицирање за студентски ваучери.
Досега се доделени вкупно 42.606 ваучери, од кои се искористени 27.426.
„Согласно актуелниот проект на Владата, кој се реализира во соработка помеѓу Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за образование и наука, предвидени се вкупно 55.000 ваучери за електронски уреди за студентите на додипломски студии, запишани во учебната 2025/26 година.
Потсетуваме дека рокот за аплицирање од страна на студентите е до 20.12.2025 година, а искористувањето на ваучерите ќе биде со рок до 31.12.2025 година“, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.
фото: unsplash

