Македонија
Мицкоски: Во завршна фаза е програмата за претстојните избори која ќе ја трансформира Македонија
Партискиот истражувачко аналитички центар на ВМРО-ДПМНЕ – „Љубиша Георгиевски“ и Фондацијата Конрад Аденауер во период од 23 до 25 февруари во Велес организираат тридневен настан наменет за Извршниот комитет на партијата и членови на кабинетот на Мицкоски, со цел дискусии и стратешко планирање за активностите на ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период.
На настанот присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателите на партијата, генералниот секретар, членовите на ИК и членовите на кабинетот.
Настанот беше отворен од страна на Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер. Во своето излагање пред присутните, Браун истакна: „Како што нашите демократски општества се развиваат и менуваат, така мораат и политичките партии исто така да се развиваат, со цел да се прилагодат на желбите и очекувањата на гласачите. Ова е предуслов за да се извојува предност на едни демократски избори. Оттука, нас како Фондација Конрад Аденауер како и Партискиот истражувачки и аналитички центар „Љубиша Георгиевски”, ни претставува задоволство можноста заедно со партиското раководство и извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да ги адресираме овие тековни предизвици, како и да дискутираме за можни одговори и решенија“.
Кристијан Кремер, меѓународен секретар на водечката германска партија ЦДУ, ги поздрави присутните во живо обраќање преку видео линк. Споредувајќи ги состојбите во Германија и Македонија, Кремер заклучи дека недостатоците и неработењето на Социјалдемократите се одразуваат негативно на општеството и ги разочаруваат луѓето: „На оваа некомпетентност, најмногу реагираат младите, па тие се разочаруваат од политика, а кај вас и рапидно се иселуваат“. Коментирајќи ги актуелните евроинтеграции, Кремер нагласи дека силно верува во посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ да ка придвижи силно напред Македонија преку посветена соработка и дијалог.
Исто така, свое обраќање пред присутните имаше и Пратеникот во Европскиот парламент и Потпретседател на Европската народна партија Дејвид Мекалистер кој изрази задоволство од можноста Европската народна партија да придонесе кон поддршка и зајакнување на својата сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ, особено во пресрет на кампањата за претстојните парламентарни и претседателски избори, кои ќе се случат напролет. Мекалистер отворено ја охрабри ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во позитивна и конструктивна политичка кампања, која ќе биде фокусирана на солидни и издржани политички решенија, во рамки на политичка програма која гарантира просперитет за земјата. Тој ја истакна и важноста од исходот и на претстојните избори за Европскиот парламент кои ќе се случат во јуни годинава, потенцирајќи дека овие избори несомнено ќе бидат одлучувачки за идните генерации и Европскиот континент кој се наоѓа на крстопат. Во овој поглед Европската Народна Партија се стреми да остане најсилната парламентарна група во Европскиот парламент, истакна Мекалистер.
Во текот на дискусиите Претседателот Христијан Мицкоски упати искрена благодарност до Конрад Аденауер што, како што рече, несебично и континуирано ја даваат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со задоволство ќе продолжиме да вложуваме во јакнење на човечките капацитети“, рече Мицкоски.
Се осврна на стратешкото планирање на партијата за изборите кои што следат, она што е направено до сега и што уште треба да се очекува.
„Сведоци сме на силно обединување и активирање на се поголем број на граѓани, поради лошите состојби кои ги има во Македонија. Во завршна фаза е и програмата за следните избори во која има разумни проекти со детален пристап и ветувања кои имаат за цел да ја трансформираат Македонија. Победата на ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот против оваа ненародна власт е се поизвесна“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова организираше традиционален годишен прием за дипломатскиот кор во Охрид, каде што пред претставници на амбасадите и меѓународните организации упати силна порака за мир, дијалог и еднаков третман на државите во европската интеграција.
Таа на присутните им посака среќна и успешна година, нагласувајќи дека дипломатите претставуваат знаење, умереност и упорност во потрагата по решенија преку дијалог, а не преку конфликти и уцени.
„Дипломатијата не е само протокол, туку цивилизациски механизам што урива ѕидови и гради мостови“, рече таа, додавајќи дека претпочита тркалезни маси наместо мапи на фронтови.
Претседателката ја посочи важноста на културната, економската и научната дипломатија, а во центарот на говорот ја стави потребата од нов мултилатерализам – што ќе штити мали и ранливи држави и ќе го почитува меѓународното право.
Остра критика за односот кон проширувањето
Сиљановска-Давкова упати и критика кон пристапот на ЕУ, нагласувајќи ја опасноста од политичка арбитрарност и двојни стандарди.
„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!“, рече претседателката.
Додаде и дека тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.
„Ако проширувањето стане процес во кој секој нов член го редефинира патот на следниот – Унијата ќе го изгуби она што ја прави Унија“, додаде претседателката.
Во обраќањето, таа се осврна и на трагедијата во Кочани, нарекувајќи ја „болна траума“ и се заблагодари за поддршката од меѓународната заедница, која преку дипломатите покажала солидарност и пријателство.
Во завршниот дел, Сиљановска-Давкова истакна дека европската перспектива мора да биде кредибилна и рамноправна:
„Не бараме привилегии – бараме критериуми. Проширувањето не е само тест за кандидатите, туку и за демократскиот капацитет на Унијата.“
„Западниот Балкан не смее да се третира како периферија на периферијата. Тоа е европски предизвик и безбедносен приоритет“, заклучи претседателката, со порака дека заедничката иднина се гради преку партнерство, разбирање и доверба.
Македонија
Обвинителството да ги истражи наводите за мафијашките притисоци, уцени и злоупотребата на системот од Филипче и Заев за остварување на клановските цели, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Нема пора во општеството каде што СДС под менторство на Зоран Заев и Венко Филипче со мафијашки методи не владееле. Кризните ситуации и состојби во државата ги претворале во можност и шанса за нивно богатење, наместо да работат за да им помогнат и олеснат на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Така и во ек на вонредна состојба за време на ковид пандемијата, Филипче и Заев наместо да се грижат за здравјето на граѓаните, политичката моќ ја користеле за да ја преземат приватната болница Жан Митрев.
Ова го потврди самиот др. Жан Митрев, кој во своето јавно сведоштво ја разоткри вистината за начинот на кој со притисоци, уцени и злоупотребата институциите Заев и Филипче ја водеа државата за свои лични интереси.
Тандемот Филипче-Заев сакале сами да ја одредат вредноста на болницата, а за возврат нуделе „помош“ во судска постапка на докторот Жан Митрев, што е класична уцена и злоупотреба на власта.
Овие обвинувања за кланот Заеви и чуварот на фотелјата на СДС, се надоврзуваат на долгата низа сомнежи за злоупотреби на системот за бенефиции и придобивки, како и афери поврзани со Заев и Филипче, златни визи, имот и бизниси во Дубаи, фирми во странство и сомнителни финансиски трансакции и што ли уште не.
Ова не е политика наменета за граѓаните и државата, туку е мафијашки модел на дејствување за лични клановски придобивки.
И денес Филипче се обидува да се претстави како ново лице на политичката сцена, но всушност е човек обременет со своето минато кој само седи на партиското столче на Заев и ги спроведува истите политики, со истите луѓе, истите шеми и истата злоупотреба.
Оттука се поставува едноставно прашање, на кое и Филипче и СДС треба да дадат јасен одговор. Дали човек со ваков сериозен багаж на скандали, сомнежи и тврдења за злоупотреба на власта може да има кредибилитет да води партија?
Но, наместо одговорност и повлекување, сведоци сме на уште поголема ароганција и молк од Филипче, затоа сега правдата е таа која треба да зборува.
Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги истражи сите наводи за мафијашките притисоци, уцени и користењето државата и институциите од страна на Филипче и Заев за приватни, односно, за остварување на клановските цели.
Не треба да има недопирливи, законот треба да важи подеднакво за сите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

