Македонија
Мицкоски: СДС и ДУИ работат на епски криминал од околу 150 милиони евра во РЕК Битола
Енергетиката е геостратешко прашање, не е само локално или регионално и јас ќе зборувам за електроенергетиката. Ќе започнам со производниот дел, во Македонија еден од државотворните сегменти и најзначајните атрибути се наоѓа токму во регионот на Битола, а тоа е Термоелектраните Битола или Рударско енергетскиот комбинат Битола, бидејќи и рудникот е дел од таа целина, од каде додека не дојде владата на СДС и ДУИ се копаше јаглен и се произведуваше електрична енергија за електроенергетска стабилност на Македонија. Откако тие дојдоа, се помалку вистински се копа, а се повеќе се троши за копање на јаглен, но истовремено почнаа и да увезуваат јаглен со сомнителен квалитет, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Енергетска платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во енергетиката“ во Битола.
Мицкоски истакна дека еден таков тендер деновиве беше објавен, а тоа е набавка на увозен јаглен за една година од близу 100 милиони евра или попрецизно 5 милијарди и 950 милиони денари и таа сума треба да ја добијат неколку фирми кои ни се познати за увоз на јаглен со сомнителен квалитет, а од информациите кои се добиваат е полн со сулфур и тој сулфур ќе ги труе Битола и битолчани и граѓаните од регионот како општините Новаци и Могила.
– Покрај овој голем тендер има уште еден рекорден епски, кој трае 18 месеци и тоа е од околу 2 милијарди и 400 милиони денари односно околу 40 милиони евра плус ДДВ што значи околу 46-47 милиони евра кои ги доби позната компанија а ние како партија имавме многу прес конференции за овој епски криминал. Веќе има 150 милиони евра тендери кои треба да бидат завршени пред изборите за кои постои сомнение дека се исплаќаат авансни провизии во вредност од 20% и постои основано сомнение и информации кои стигаат дека првите 10% ќе се исплатата сега, а вторите мај-јуни кога оваа влада на СДС и ДУИ ќе замине, за да се подготват убаво со куферите и мислат на тој начин ќе се спасат и ќе заминат и мислат дека никој нема да сноси одговорност, нагласи Мицкоски.
Мицкоски им порача дека за точно 38 дена започнува кампања за претседателски, за 52 кампањата за парламентарни, а за отприлика помалку од 4 месеци е новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и дека директорчиња кои одлучија да им слугуваат на малкумина политичарчиња кои сега се дел од раководството на СДС, дека ќе одговараат од прв до последен за ова што го прават.
– Ако мислат дека ќе ги наполнат куферите и ќе избегаат, им ветувам дека лично ќе се занимавам со нив, ќе нема каде да бегаат. Затоа мојата порака до нив е да се вразумат да ги откажат овие набавки, да се обидат уште овие 3 и половина месеци пристојно и достојно да го водат РЕК Битола и мирно да се повлечат без дополнително да ги пљачкаат граѓаните мислејќи дека тоа ќе помине неказнето. ВМРО-ДПМНЕ за разлика од владата на СДС и ДУИ која планира да го опљачка и затвори РЕК Битола, ние имаме план да го модерниззираме и да продолжи да работи се додека има ресурс за производство на електрична енергија, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

