Забава
Мет Дејмон продуцира филм за легендарниот концерт на „У2“ во Сараево: Сличностите меѓу војната во Југославија и Украина се морничави
Мет Дејмон, продуцент на документарниот филм „Бакнете ја иднината“ (Kiss the Future) за концертот на „У2“ во 1997 година во Сараево, рече дека постои сличност меѓу војната во поранешна Југославија и руската инвазија на Украина.
„Бакнете ја иднината“ беше премиерно прикажан на минатогодишниот филмски фестивал во Берлин, а летово го отвори Сараевскиот филмски фестивал. Иако филмот е за повоениот настап на бендот „У2“ на стадионот „Кошево“, во суштината на неговата приказна е всушност борбата на сараевчани да ја преживеат повеќегодишната опсада и начинот на кој ја користеа рок и панк-музиката да го одвлечат вниманието од секојдневното гранатирање и снајперските истрели.
Филмот е продуциран од холивудските ѕвезди Бен Афлек и Мет Дејмон, а режијата е на Ненад Чичин-Шејн. Дејмон во интервју за „Варајети“ пред почетокот на кинодистрибуцијата на овој документарец потсетува дека почетокот на работата на филмот се совпадна со руската инвазија на Украина.
„Сличностите меѓу она што се случи во поранешна Југославија и она што се случува сега со Украина се впечатливи и донекаде застрашувачки. Во двата случаја поттикнувачи се политичките насилници, но и во двата случаја жртви се невини цивили“, рече Дејмон наведувајќи дека руската инвазија на Украина имала големо влијание врз луѓето што ги интервјуирале во Сараево.
„Бакнете ја иднината“, според него, не само што нè потсетува дека „бесмислена, глупава војна може да избувне насекаде“, туку ја покажува и силата на човечкиот дух.

„Овие неверојатни луѓе живееја под опсада долги четири години. Како и да е, некако успеаја да опстанат, дури и да напредуваат, затоа што ја насочија својата енергија на работи што нè врзуваат, а не нè разделуваат. Музиката, уметноста и другите елементи на креативноста се работи што може и нè зближуваат. И ако сме заедно, ништо навистина не може да нè победи. Така, претпоставувам дека сакам луѓето да го видат тоа – да ги потсетам дека можеме да победиме сè, дури и најмрачна закана сè додека сме заедно“, рече Мет Дејмон, пренесува „Н1“.
Во филмот учествуваа и членови на бендот „У2“, како и познатата новинарка на Си-ен-ен, Кристијане Аманпур, и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.
Режисерот на филмот Ненад Чичин-Шаин е роден во поранешна Југославија од мешан брак меѓу Србинка и Хрват.
„Како југот на САД да војуваше со северот, денес, не пред 200 години. Нешто што изгледаше невозможно – го опиша Чичин-Шаин почетокот на војната во Југославија за американските медиуми.
На минатогодишниот филмски фестивал во Сараево тој рече дека се надева оти неговиот филм ќе биде прикажан во Србија, особено што не е критика на српскиот народ, туку на политичар што бил националист – Слободан Милошевиќ.
„Чекам покана од Србија“, изјави Чичин-Шаин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Нов пресврт во правната сага меѓу Блејк Лајвли и Џастин Балдони: нејзината тужба останува, неговата падна
Правната битка меѓу ѕвездите од „Тоа завршува со нас“ има нов епилог. Актерот и режисер Џастин Балдони ја повлече својата контратужба за клевета од 400 милиони долари против колешката Блејк Лајвли откако го пропушти клучниот рок за повторно поднесување.
Според Ролинг Стоун, федерален судија официјално ја заврши тужбата на Балдони. Неговиот случај првично беше отфрлен во јуни, но му беше дадена можност да ја измени и повторно да ја поднесе. Сепак, судијата Луис Лиман, кој го надгледува случајот, забележа дека Балдони и неговата компанија, „Вејфарер студиос“, не успеаја да го исполнат рокот од 17 октомври или да одговорат на судската наредба.
Додека случајот на Балдони против Лајвли сега е затворен, нејзината тужба против него за сексуално вознемирување и одмазда е сè уште активна и во тек. Балдони ја поднесе својата тужба како одговор на нејзините обвинувања.
Забава
Тамара Глоба предвидува блескав ноември за четири хороскопски знаци
Познатиот руски астролог Тамара Глоба предвидува дека ноември ќе донесе среќа и нов почеток за четири хороскопски знаци – Близнаци, Рак, Вага и Водолија.
Глоба најавува „крај на еден вознемирувачки период и почеток на посветла етапа“, со големи промени и нови можности.
Близнаци – ќе почувствуваат налет на креативна енергија, хармонија во љубовта и финансиска стабилност, но со потреба од внимателност во приватниот живот.
Рак – ќе уживаат во професионален напредок и профитабилни можности; крајот на месецот ќе бара повеќе внимание кон семејството.
Ваги – ги очекуваат нови средби, деловни понуди и лични промени; успехот ќе ги следи ако носат промислени одлуки.
Водолии – ќе имаат поддршка од блиските и пријателите, а во деловниот сегмент ќе им се отворат нови извори на приход.
Според Глоба, ноември ќе биде период на нови можности, финансиска стабилност и личен раст, но ќе бара мудрост и внимателност во одлуките.
Забава
Мајка ѝ е кралица нa „Ноќта на вештерките“, но и Лени Клум воодушеви со својот костим
На годинешната забава на Хајди Клум за „Ноќта на вештерките“ во Њујорк, во центарот на вниманието беше нејзината ќерка Лени Клум, која со креативниот костим го привлече вниманието на сите.
Дваесет и едногодишната манекенка се претстави како ликот Камил Крим од детската книга „Необичниот случај со пругите“. и го обои целото тело во шарени пруги – еден од највпечатливите костими на вечерта.
Хајди Клум се појави како Медуза, нејзиниот сопруг Том Каулиц како сребрен витез, а неговиот брат близнак Бил Каулиц како Сејлор Мун. На забавата присуствуваа и останатите деца на Клум од бракот со Сил.

