Македонија
(Видео) Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“: Оваа војна е најголемата закана за мирот и за европската безбедност
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам“, организирана од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија во соработка со невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, а која се одржа по повод 2 години од почнувањето на руската инвазија врз Украина.
„Минатата година, на овој ист ден, посакавме никогаш повеќе да не се собираме за да ги одбележуваме годините на борбата за слобода на Украина, туку да ги прославиме ослободувањето од рускиот окупатор и хероизмот на украинскиот народ.
За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе во целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат“, рече Пендаровски.
„За овие две години, сведоци сме на целата нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век. Таа персонална диктатура се обидува не само да наметне ревизија на историјата туку и да ги промени границите на Европа во спротивност на сите меѓународно-правни договори што ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна.
Истиот тој режим, кој ги гази правдата и човечкото достоинство и во сопствената држава, кој секојдневно ги прогонува, затвора и убива своите опоненти, се обидува да наметне визија за светот во кој деспотите и слични на нив ќе бидат во позиција да ја одредуваат судбината на сегашните и на идните генерации.
На патот на тие обиди, проследени со невидена бруталност, на првата линија на отпорот, веќе десетина години стои херојскиот украински народ поднесувајќи огромна жртва и покажувајќи истрајност и постојана верба дека доброто може да го победи злото. Затоа, војната за слобода, која Украина ја води денес, е за праведна кауза, во името на целиот демократски и цивилизиран свет, кој мора да продолжи да помага сè до целосно ослободување на Украина, просто затоа што во таа борба сите ние немаме право на пораз.
Оваа војна е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чиј исход ќе влијае врз поредокот не само на нашиот континент туку и во меѓународните односи во годините што доаѓаат. Војна што ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците што тие ги создаваат“, изјави Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег со слаб интензитет провејува во Струмица, Крушево и Ѓавато кој не се задржува на коловозот
АМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Снег со слаб интензитет провејува во Струмица, Крушево и Ѓавато кој во мометов не се задржува на коловозот. Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.
На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Додека градот спие, ние сме будни, грижата за граѓаните не познава пауза
Заедно со дежурната зимска служба на Град Скопје, во текот на целата ноќ сме на терен, на улиците и булеварите под надлежност на градот, каде навремено посипуваме сол поради ниските температури, со посебен фокус на критичните точки, напиша на социјалните мрежи, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Додека градот спие, ние сме будни, бидејќи грижата за граѓаните не познава пауза, ниту пак временски услови“, додаде тој.
Македонија
Без струја денеска дел од Бутел
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска е планиран прекин и тоа:
– во периодот од 09:00 до 10:30 часот, дел од потрошувачите на улицата Гемиџиска (првите куќи на почетокот од улицата) и деловните објекти на почетокот од ул.Ферид Бајрами каде се наоѓа предметниот објект. (општина Бутел)

