Македонија
ЛДП со предлог: Патните исправи да важат до истекот на нивниот рок со печат на Северна Македонија

Во настојувањето да се олесни движењето на граѓаните на Република Северна Македонија надвор од границите на државата и проблемите со кои се соочуваат при патувањата, но и престој во странство, пратениците на Либерално-демократската партија предлагаат дополнување на Законот за патните исправи.
„Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање јасни правила за државјаните на земјата, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање во неа со поседување валидна патна исправа, односно патна исправа која содржи печат на Република Северна Македонија, со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа“, појаснуваат од ЛДП.
Според партијата, оваа иницијатива е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење. Промените се предложени по итна постапка поради нивната значајност за основните човекови права и не донесуваат дополнителни финансиски импликации на буџетот, ниту на граѓаните ниту, пак, на државата.
„За нас, секој е важен и сметаме дека патната исправа, која важи како потврда со која државата гарантира за идентитетот на нејзиниот сопственик, може да биде валидна и со печатот Република Северна Македонија до истекот на рокот на важноста, а потоа да биде соодветно заменета на нов образец. Со ова сметаме дека не се нарушува преспанскиот договор, кој доведе до исполнување на државната цел – членството во НАТО“, додаваат од ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.