Македонија
МОН: Од понеделник исплатата на субвенционирниот студентски оброк на неделно ниво

Наместо на дневна основа, од следниот понеделник паричните средства за субвенционирниот студентски оброк ќе се исплаќаат одеднаш за шест дена во неделата. Ова е предвидено со последните измени на Законот за субвенционирниот студентски оброк, направени на барање на студентските организации и здруженија, а во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка.
Министерството за образование и наука известува дека, почнувајќи од следната седмица, секој студент што го остварува правото на субвенциониран студентски оброк на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари, кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно продукти за прехрана, и ќе може да се искористат од понеделник до сабота. На овој начин се зголемува практичноста на законското решение, кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа.
Нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Рокот за пријавување на студентите што досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите е од први до петти секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува во сила од 1 март, информираме дека секој студент корисник на правото овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари.
МОН ја почитува волјата на студентите и го исполни нивното барање. Тие и понатаму ќе бидат важен партнер на институција во креирањето на политиките и мерките што ги засегаат младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата