Македонија
Левица: Укината етничката графа во изводите и спречена етнизација на државата
„Обидите за дезинтеграција на македонската нација и држава, преку сецесионизмот на т.н. ‘албански партии’ кој го дозволуваат СДС и ДПМНЕ, со крајно десничарски и нацистички практики за сегрегација и поделба на општеството – со поткопување на концептот за една држава една нација, се оди на редефинирање на државниот концепт преку апартхејдски политики. Левица одлучно се спротиставува на овие погубни процеси“, велат од партијата Левица.
„Откако Левица, преку претставки до Уставниот суд, го оспори Упатството за водење матични и Законот за матичната евиденција, Уставниот суд донесе времена мерка во изводите на родени, венчани и умрени да не се впишува националност, а денес донесе конечна одлука – повеќе нема впишување на националност во изводите како крајно протисуставна досегашна пракса.
Со ова, Левица и Уставниот суд задаваат удар на етно-трибализмот, кој во недостиг на идеи за подобрување на животот на граѓаните и со цел разградување на македонското национално единство, го промовираат криминалните партии ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците, а кои преќутно го поддржуваат анти-македонската СДС и лажните патриоти од ДПМНЕ.
Потсетуваме дека ваков обид да се вметне етничката припадност во личните документи, власта на СДСМ и ДУИ – за што имаше и согласност од останатиот член на широката коалиција ВМРО-ДПМНЕ – имаше со Предлог-законот за лични карти, кој пратениците на Левица во Собранието го блокираа преку филибастеринг, поднесувајќи над 1200 амандмани.
Овие неуставни одредби во Законот за матична евиденција датираат од 1996 година, но никој досега пред Левица не се осмелил да се спротистави на оваа анти-европска и дискриминаторска практика на впишување на етничката припадност на граѓаните во јавните исправи. Со појавувањето на Левица на политичката сцена, конечна има партија која се спротиставува на обидите за спуштање на македонската нација на ниво на етникум, со што постепено се одзема нејзиното право да управува и ја развива и унапредува својата национална култура и посебност на оваа територија за чија слобода се дадени безброј жртви.
Го поздравуваме Уставниот суд за ваквата одлука и бара што поскоро да донесе конечни одлука и по другите иницијативи на Левица со кои бара заштита на унитарноста и Уставот на Република Македонија!“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

