Македонија
Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“
Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“, на која беа доделени признанија на триесет и двајцата номинирани личности, кои со својата индивидуална ангажираност придонеле како двигатели на позитивни промени во нашето општество.
Претседателот Пендаровски порача дека оваа иницијатива претставува дополнителен мотив младите да ги градат своите професионални кариери во државава, да бидат активни учесници во процесот на промени и да придонесат за напредокот во одредени области.
Тој истакна дека денес се соочуваме со многу поинакви предизвици и дека покрај политички лидери, нам ни се неопходни лидери во дигиталната сфера, оние што ќе се борат за човековите права, за здрава животна околина и за лицата со попречености.

Претседателот додаде дека политичките лидери креираат рамка, но овие луѓе ја влечат државата напред и стојат зад општествените промени додавајќи дека оваа иницијатива е одличен чекор бидејќи им дава видливост на младите луѓе, кои со своите исклучителни квалитети и успеси може да послужат како пример и да придонесат за развој на општеството.
Во таа насока претседателот истакна дека особено е важно нашиот домашен умствен потенцијал да ја турка државата напред и да придонесува за нејзиниот напредок и нотира дека најголемата наша трагедија е иселувањето на младите.
Честитајќи им на добитниците на признанијата, тој ги охрабри младите и понатаму континуирано да вложуваат во себе, да ги користат своите потенцијали на креативен начин и својата иднина да ја градат во нашата држава.

Проектот „Иднината почнува дома“ е иницијатива на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и Стопанската комора на Северна Македонија, кој има цел да поддржи индивидуалци, кои се истакнуваат во своите области на делување, прават позитивна разлика и работат посветено и во интерес на иднината на државата. На настанот се обрати и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче го честита празникот Богојавление – Водици
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го честита денешниот празник Богојавление – Водици.
„Го честитам големиот празник Богојавление, Бог се роди, во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На момчето коешто и годинава исто како и лани го фати крстот, му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во ладните води на Охридското езеро е доказ за една голема храброст, голема умствена и телесна сила“, рече Филипче од Охрид.
Македонија
Дарко Митровиќ го фати крстот во Скопје
Дарко Митровиќ го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Вардар.

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Годинава се пријавија околу 160 граѓани да го фаќаат крстот во Вардар.

Одбележувањето на празникот Богојавление почна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.
Македонија
Николоски од Охрид: Засилено работиме на завршување на автопатот Охрид – Кичево
Интензивно работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. Користиме совремеми техники за да ги стабилизираме косините. Од 16, веќе 14 косини го стабилизираме и најголем дел се со галерии, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска од Охрид.
Тој истакна дека овие зафати за прв пат се прават во Македонија и ретко каде во регионот има такви инженерски потфати.
„Таму отидовме со решение, кое по мене требало да се направи уште кога почнал да се работи овој проект, за жал проекти немаше, геолошки истражувања немаше. Сега се направија проекти за 16 свлечишта, од кои што 14 ги стабилизираме, најголем дел се со галерии, едната е веќе готова кај селото Извор, втората почнува да се работи, очекувам до пролет три да се целосно завршени. Најголемиот проблем е кај селото Ботун, цела планина буквално се спушта таму. Таму ќе одиме со стабилизација во земја, 14-21метар ќе се спуштаме во земја, чисто за споредба тоа се згради од 4 до 5 спрата. Станува збор за техники кои што се модерни и најнови во инженерскиот систем, ветивме дека ќе го завршиме автопатот и ќе го завршиме, без разлика што се’ треба да се направи“, рече Николоски.
На новинарско прашање, дали во рокот ќе заврши изградбата на автопатот, вицепремиерот Николоски истакна дека динамиката на работите е одлична и дека очекувањата се автопатот да биде пуштен во рамките на договорениот рок.

