Македонија
Пендаровски ја објави кандидатурата за нов мандат: „Не ме контролира никој, ниту ги диригира моите одлуки“
Претседателот Стево Пендаровски ја објави кандидатурата за нов мандат на претстојните претседателски избори.
Пендаровски рече дека во изминатиот период добил поддршка од граѓани, јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе што го познаваат и не го познаваат и на сите нив им се заблагодари за поддршката и довербата.
Пендаровски очекува на 3 март СДСМ да ја формализира поддршката за неговата кандидатура, а од понеделник ќе разговара и со десетте партии од таа коалиција, кои најавија дека ќе го поддржат во трката за претседател. Претседателот ги повика граѓаните од 3 март да го поддржат со собирање потписи.
„Зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без корупциска афера и случај на непотизам поврзан со мене, моето семејство, моите роднини и соработници. Ги предводев преговорите за членството во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на алијансата, а во вториот ќе станеме членка на ЕУ“, рече Пендаровски.
Како што додаде, не постои случај кога етничкото потекло било причина некого да деградира, а потврда во таа насока е и структурата во неговиот кабинет.
„Покажав дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка моќ, вклучително и оние што го поддржале на избори. Никој не ме контролира или не ги диригира моите одлуки“, рече Пендаровски.
Претседателот говореше и за договорите со Грција и Бугарија, како и за рамковниот договор. Во таа насока рече дека постојат политички кандидати, кои најавуваат ревизија или поништување на рамковниот, преспанскиот или договорот со Бугарија.
„Рамковниот ја исполни својата историска улога и не ја поткопа внатрешната кохезија. Најмногу поради него станавме кандидат за членка во ЕУ. Договорот со Грција го овозможи членството во НАТО (…), а со Бугарија не беше спорен цели три години. Истиот тој договор стана проблем кога Бугарија под својата стара комунистичка националистичка гарда почна да измислува причини за блокада, кои во самиот договор ги нема“, рече Пендаровски.
Според него, тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка со ЕУ и ќе направи подобар договор со Бугарија се политичка фатаморгана, исто како и идејата дека договорот со Бугарија ќе го почитуваат, но ќе бараат од Софија да го промени Уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

