Култура
Македонска Филхармонија со концерт со наслов „Сила“
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Сила“, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез – Силва (Венецуела/Шпанија).
Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената. Почнувајќи од симфонискиот став „Музи и здив“, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес, став кој е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет „танго нуево“, и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници.
„Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.
Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, Симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, Симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниото ркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.
Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката. Уште за време на неговите студии во Оркестарот за млади и деца во Венецуела, Флорес добил врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен подеднакво да управува со класичните и со популарните жанрови. На своите магични изведби, тој им додава огромна доза енергија обоена со најубавите инструментални бои. Како солист настапувал со Филхармонијата на Киев, Камерата од Санкт Петербург, со оркестри во Париз, Токио, Осака, Германија, секако во неговата родна Венецуела, рецитални настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, во „Плејел“ во Париз или „Опера Сити“ во Токио. Како еден од основачите на Дувачкиот квинтет „Симон Боливар“, учествувал на бројни турнеи низ Европа, Јужна Америка, САД и Јапонија, а како оркестарски музичар ја имал водечката позиција како трубач во Симфонискиот оркестар „Симон Боливар“ во Венецуела и во Симфонискиот оркестар на Мајами, соработувал со диригенти како Клаудио Абадо, Сер Симон Ратл, Сеиџи Озава, Густаво Дудамел… Основач и директор е на латиноамериканската Академија за труба во Венецуела и ја негува традицијата за изучување на млади таленти. Неговиот репертоар е широк и вклучува премиери на дела од голем број современи композитори. Неодамна одржа значајна концертна турнеја низ Норвешка и Австрија со Арктичката филхармонија, под водство на маестро Кристијан Линдберг, изведувајќи го неговиот концерт „Акбанк Бунка“ за труба и оркестар, дебитирајќи во „Фестпилхаус“ во Салцбург и во „Музикеверин“ во Виена. Неговиот прв албум носи наслов „Ла Тромпета Венецолана“, а Флорес е ексклузивен уметник на „Дојче грамофон“ со веќе три снимки – „Кантар“ со Концертхаус оркестарот во Берлин и маестро Кристијан Васкез, „Ентропија“ за кој освои Златен медал на Глобал мјузик авардс, „Фрактали“ со Арктичката филхармонија и маестро Кристијан Линдберг и двојното цеде „Песни и танци“ со маестро Мануел Хернандез-Силва.
Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро гитара, а настапува на престижни фестивали во Венецуела, Колумбија, Португалија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Луксембург,Швајцарија, Мароко…, во разни ансамбли и со разновидни уметници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

