Македонија
Третина од децата во Македонија на возраст од 6 до 9 години живеат со дебелина, 13,8 отсто од нив се екстремно дебели, објави ИЈЗ
Дебелината кај возрасните лица во Македонија е зголемена 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите 7,4 отсто во споредба со 1990 година, објави Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден за борба против дебелината.
30,5 отсто од децата од 6 до 9 години во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, а 13,8 отсто од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина.
Дебелината е почеста кај момчињата за разлика од девојчињата, а повеќето деца, кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина, живеат во урбани средини.
„Исхрана со високопреработена и енергетски богата храна е значаен фактор, кој придонесува кон развој на зголемена телесна тежина кај децата. Социо-економските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата:
- 32 % од децата од 6- до 9-годишна возраст пијат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата;
- Половина од децата јадат ужини богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 % и повеќепати секој ден;
- Само 24 % од децата јадат свежо овошје секој ден, а 21 % свеж зеленчук.
Физичката неактивност кај децата поради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина:
- Приближно 40 % од децата од 6- до 9-годишна возраст поминуваат доста време пред телевизорот или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно;
- Вкупно 48 % од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата;
- Повеќе од половина (63 %) активно се движат до и од училиште, пеш или со велосипед“, објави Институтот и укажа дека дебелината е сложено хронично заболување.
Трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Северна Македонија, според Институтот за јавно здравје, се одржуваат стабилно на високо ниво. Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина, кои влијаат врз дебелината, до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контрола на дебелината како хронично заболување.
За борба против дебелината кај нас, Институтот посочува конкретни мерки и активности:
- активности за поддршка на здрави практики од првиот ден, вклучително и промоција, заштита и поддршка на доењето;
- регулативи за штетниот маркетинг на храна и пијалаци за деца;
- политики за храна и исхрана во училиштата, вклучувајќи иницијативи за регулирање на продажбата на производи со висока содржина на масти, шеќери и сол во близина на училиштата;
- фискални и ценовни политики за промовирање здрава исхрана;
- политики за нутритивни информации на етикетите;
- кампањи за едукација на јавноста и зголемување на свесноста за здравата исхрана и вежбањето;
- стандарди за физичка активност во училиштата; и
- интегрирање на услугите за превенција и управување со дебелината во примарната здравствена заштита.
Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите (од 5 до 19 години). Лошата исхранетост, во сите нејзини форми, вклучува неисхранетост, но и зголемена тежина и дебелина. Неисхранетоста е одговорна за половина од смртните случаи на деца под пет години, а дебелината може да предизвика незаразни болести, како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

