Македонија
Бугарското МНР го повика македонскиот амбасадор: „Политичари даваат лажни изјави за Бугарија“
Бугарското МНР објави дека го повикало вонредниот и ополномоштен амбасадор на Македонија во Софија во врска со, како што велат, недамнешните јавни коментари на политичари од соседната држава и од нив распространетите неточни тврдења во однос на Република Бугарија.
Од Министерството нагласуваат дека категорично се противат на обидот Бугарија и билатералните односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
„Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес за да може да се спроведат потребните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани“, велат од бугарското МНР.
Ги повикуваат македонските политичари да ја покажат потребната политичка зрелост, да дадат конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во 2022 година и строго да го почитуваат договорот за добрососедство од 2017 година.
„Тоа е единствената можност да се постигне вистински напредок во процесот на европска интеграција на земјата за доброто на нејзините граѓани“, велат од бугарското МНР.
На соопштението претходеше тоа што бугарското ВМРО порача да биде повикан македонскиот амбасадор поради изјавите на актуелниот претседател, Стево Пендаровски, поради, како што велат, „говор на омраза кон бугарската држава“.
Пендаровски деновиве во два наврата, укажувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги, изјави дека ако успеат да ги натераат Бугарите да го променат својот Устав и ако успеат Македонците кои се таму во огромен број да бидат признаени како национално малцинство, тој ќе биде првиот што ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече, станува збор за детски муабет. Понатаму, Пендаровски укажа и на состојбата дека договорот со Бугарија не беше спорен цели три години, а стана проблематичен кога Софија под својата стара комунистичка националистичка гарда почна да измислува причини за блокада, кои во самиот договор ги нема.
Бугарскиот новинар познат и како поранешен соработник на комунистичката служба за безбедност, Велизар Енчев, во фејсбук-статус го обвини македонскиот претседател Стево Пендаровски дека ѝ објавил војна на Бугарија коментирајќи ја состојбата со македонското малцинство во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

