Регион
(Видео) Судири на студентите со полицијата на улиците во Атина, бесни поради новиот закон

Грчките студенти фрлаа молотови коктели врз полицијата која одговори со солзавец во центарот на Атина, неколку часа пред очекувањата парламентот да го усвои законот со кој им се дозволува на странските приватни универзитети да основаат филијали во земјата.
Илјадници студенти со недели мирно протестираат против образовната реформа за која тврдат дека ќе ја намали вредноста на дипломите заработени на државните универзитети, но некои повеќе не можеа да го задржат својот гнев кога премиерот Киријакос Мицотакис ги повика пратениците да го прифатат законот.
„Се плашам дека ако успееме да дипломираме, никаде нема да можеме да се вработиме“, вели 25-годишниот Стратос Кацелис.
Clashes during a protest against the government’s draft law introducing private universities in #Greece, which students consider will lead to the degradation of public #education. pic.twitter.com/rPYkkz4dCJ
— Savvas Karmaniolas (@savvaskarma) March 8, 2024
„Ниту еден млад човек денес не може да планира за иднината. Сè што гледаме се безизлезни ситуации“, додаде тој.
Мицотакис, кој го освои вториот мандат во јуни минатата година, рече дека законот ќе помогне да се запре егзодусот на десетици илјади грчки студенти кои заминуваат да студираат во странство, товар за економијата што сè уште се опоравува од 10-годишната финансиска криза.
Законот, исто така, ќе помогне да се усогласи Грција со остатокот од Европската унија и да се промовира конкурентноста во високото образование, рече тој.
Многу е веројатно законот да биде усвоен бидејќи конзервативната влада има 158 од 300 претставници во парламентот.
„Парламентот не е повикан само да гласа за клучниот закон, туку да одобри радикална и храбра образовна реформа за раст и социјална правда. Конечно ќе им овозможи на недржавните, непрофитни институции да работат во нашата земја“, рече Мицотакис.
Студентите, со поддршка на дел од наставниците и универзитетскиот персонал, не се убедени. Една група се отцепи од демонстрациите и фрли молотови коктели врз полицијата, која ги растера со солзавец, изјавија очевидци на Ројтерс и полициски претставник.
Законот е дел од реформите на владата, кои го вклучуваат и законот за истополови бракови што беше донесен минатиот месец.
Грција годишно троши меѓу три и четири отсто од својот БДП за образование, што е под просекот на Европската унија. Сепак, Мицотакис рече дека нацрт-законот вклучува повеќе средства за државните универзитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.