Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пропадна лажната стратешка инвестиција на ДУИ и СДС со фабриката за електрични автомобили – надлежните институции да проверат што се случи со одобрената државна помош од 42,5 милиони евра
Уште еден од розевите меури од сапуница на власта пукна. Официјално вчера се обелодени дека од помпезната најава за фабрика за електрични автомобили во Тетово нема да има ништо. Поточно не е баш ништо. Ќе остане една дупка среде ливада во ТИРЗ Тетово со 4 арматурни шипки, во која со сите церемонии и на фанфари лопати фрлаа Ковачевски и пола влада на ДУИ и СДС во август 2022 година, непосредно пред повторените локални избори во Тетово, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И како што бива со се кога е во прашање власта на ДУИ и СДС и овој „грандиозен проект“ стана потемкино село. Се организираше скапа прослава, која веројатно е платена со народни пари, се изеде, се испи, се изнасликаа и на крај си заминаа по дома.
Да потсетиме што кажуваа во таа прилика владините функционери , велат од ВМРО-ДПМНЕ и наведуваат:
· Артан Груби објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ (читај фирма блиска до ДУИ) ќе произведува електрични возила со Next e.Go Mobile во Тетово, а инвестицијата ќе биде 720 милиони евра.
· „Денес ќе се постават темелите на инвестиција која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и којашто ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“, рече премиерот Димитар Ковачевски на 13 август годинава.
· „Градбата на самиот објект треба да започне во следните 6 до 8 недели. Тоа значи дека многу брзо, на почетокот на есента, ќе го видиме почетокот на градежните работи“, рече директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски по завршувањето на церемонијата.
· „Со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово каде за прв пат ќе почнат да се произведуваат електрични возила во Северна Македонија, започнува нова ера во делот на странските инвестиции. Е-Го е многу сериозна компанија, со седиште во Германија, нема да помине повеќе од еден месец и ќе почне да се гради“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
· „Големите инвестиции имаат ефект на снежна топка. Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции“, ќе рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
После скоро две години нити почната изградба на фабриката, ни С од стратешка инвестиција, ни 130, ни 720 милиони евра инвестиција, нити 890 добро платени работни места, ниту 4.000 индиректни работни места, ниту 30.000 произведени електрични автомобили годишно, ни ефект на снежна топка, ни бутур. Се што ветија Ковачевски, Деспотовски, Бектеши, Бесими, Груби, СДС и ДУИ, се излажаа. Купуваа време и лажеа, не овој петок, нареден понеделник ќе почне со градба, де тесна била парцелата, де широка била маркицата и на крај се пропадна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Но најстрашно е дали и каде заврши најавената државна помош за оваа голема лага. Имено владата одлучи оваа „инвестиција“ да ја поддржи со 35% од вкупната вредност, односно со 42,5 милиони евра народни пари. Медиумите во април месец 2023 објавија дека инвеститорот Некст.Е.Го Мобиле добил одобрување на државна помош од 42.585.856 милиони евра согласно извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2022. Дека има нешто сомнително во оваа зделка говори и фактот што за јавноста остана непознат договорот на државата со компанијата инвеститор, бидејќи Владата не овозможуваше увид во целосната содржина на договорот, кој беше потпишан во август 2022 година.
Повикуваме надлежните институции детално да го истражат случајот со државната помош за „фабриката за електрични автомобили“ во Тетово. Доколку тоа не се направи сега, после изборите и промената на власта ќе се спроведе целосна ревизија на овој таканаречен проект и ќе се провери дали и каде завршил секој денар од народните пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

