Македонија
Мицкоски: Ќе направиме се да имаме универзитет на Шангајска листа меѓу првите илјада, како и секое дете да има учебник во претстојната 2024/25 учебна година иако сакаат да ни остават хаос
Многумина добиваат звање редовен професор и до пензија забораваат да напишат труд. И ние сакаме во една таква ситуација да имаме универзитет на Шангајската листа, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“ на тема „Нов концепт за развој на образованието“.
„За да се биде на Шангајската листа има два столба. Едниот столб е обврска на државата и со тоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да се позанимава сериозно. Тоа значи државата да обезбеди околина, услови за научно функционирање, опрема и слично. Тоа е дел и обврска на државата, но обврската за наставниот кадар е да објавуваат трудови индексирани со висок фактор на влијание. Нашиот највисок рангиран е Универзитетот Кирил и Методиј и тој е нешто под двеилјадитото место и ние сакаме да имаме наука, тоа не е можно. Наука не може во вакви услови“, рече Мицкоски.
Оттука рече претседателот Мицкоски, одлучивме да предложиме повисоки плати за сите наставници кои ќе имаат трудови со импакт фактор.
„Сега се префрлам на основците. Сето ова е залудно ако основците на време не добијат книги. А немаат книги и тоа ни се случува не затоа што се натпреваруваат концепти, туку се натпреваруваат кој поголема провизија да земе, па една партија има една омилена печатница, друга има друга печатница. На крај од ова учениците се тие кои се негативно изненадени и немаат книги“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека новата влада која би се формирала некаде втора половина на јуни месец ќе гледа да направи се сите ученици да имаат книги.
„Учебната година стaртува на први септември и информациите велат дека власта знаат дека ќе биде поразена и се обидуваат да остават тотален хаос. Но, ние ќе дадеме се од себе тоа да не се случи, како што и во техничката влада даваме се од себе да се среди хаосот кој го оставија со личните документи“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

