Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Го чуваме споменот на холокаустот и покажуваме истрајност во борбата за мир, слобода и демократија
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола оддаде почит во рамки на Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Костадиновска-Стојчевска положи цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара и беше дел од „Поворката на живите“ на која чекореа бројни битолчани, членови на Еврејската заедница, гости од Израел. Тие ја изодеа последната патека на своите сограѓани, 3 500 битолски Евреи, жртви на холокаустот, од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до Железничката станица од каде што беа депортирани во логорите на смртта.
„Имаме морална обврска постојано да се бориме за соживот и напредок за да успееме да го зачуваме споменот за жртвите на Втората светска војна, потврдувајќи ја нашата истрајност во борбата за мир, слобода и демократија“, напиша на својот фејсбук профил министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додава дека одбележувањето на Денот на холокаустот е поттик да ја потврдиме нашата посветеност кон принципите и целите на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права, затоа што, како што вели, денес се актуелни нови форми на геноцид и фашизам.
„Холокаустот беше мрачна епоха која нѐ задолжува да градиме заеднички свет за да ги спречиме таквите злосторства“, пишува министерката за култура.
Битола секогаш ќе се сеќава на ова зло од пред 81 година, за никогаш да не се повтори, вели Костадиновска-Стојчевска, која денеска беше дел од поворката која молкум им оддаде почит на битолските Евреи и положи цвеќе со порака, „никогаш да не се повтори“.
Денот на холокаустот во Битола денеска беше одбележан на Еврејстките грибишта во Битола во присуство на голема делегација од Израел. Беше положено цвеќе и каменчиња по еврејските обичаи, а Денот беше одбележан и пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара.
Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи.
Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје. Ќе започнат со оддавање почит пред Споменикот на 7 144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол, а ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на ХФолокаустот на Евреите од Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

