Свет
Фрицл, кој 24 години ја силувал сопствената ќерка, останува во психијатриската болница
Австрискиот суд денеска објави дека ја поништил одлуката на понискиот суд за префрлање на 88-годишниот инцестуозен силувач Јозеф Фрицл во редовен затвор од психијатриското одделение, но случајот го вратил на тој суд за нова одлука.
Фрицл, кој го смени презимето во Мајрхоф, ја силувал својата ќерка и ја држел во заробеништво 24 години, а силувањата резултирале со раѓање на седум деца. Случајот го привлече светското внимание кога излезе на виделина во 2008 година.
Осуден за инцест, силување, ропство, принуда и убиство на новороден син
Тој е во затвор за ментално растроени затвореници откако во 2009 година беше осуден за инцест, силување, ропство, принуда и убиство од небрежност на новородениот син во зандана што тајно ја изградил под неговиот дом.
Фрицл се пријавил да биде префрлен во редовен затвор, тврдејќи дека како постар и слаб човек повеќе не претставувал закана.
Судот во градот Кремс ан дер Донау го нареди трансферот во јануари, но обвинителите поднесоа жалба за поништување на одлуката пред Вишиот регионален суд во Виена.
„За разлика од првостепениот суд, Вишиот земски суд во Виена заклучи дека фактите потребни за вакво условно ослободување сè уште не се целосно утврдени“, се вели во соопштението за печатот на виенскиот суд.
Се додава дека ја поништиле одлуката на понискиот суд и му наредиле да утврди повеќе факти пред да донесе нова одлука.
Од обичниот затвор, Фрицл би можел да поднесе барање за целосно ослободување од затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Жена обвинета за спектакуларната кражба на накит од Лувр вреден 88 милиони евра
Француската полиција поднесе обвинение против 38-годишна жена осомничена за учество во голема кражба на накит од парискиот музеј Лувр, во која биле украдени предмети вредни околу 88 милиони евра, објави Би-Би-Си.
Жената, која не е именувана, се товари за учество во организирана кражба и злосторничко здружување. Како што јави АФП, таа се расплакала пред судот додека го потврдувала своето живеалиште во париското предградие Ла Курнев.
Во полициската акција биле уапсени вкупно пет лица, од кои едно е ослободено без обвинение, а едно лице кое директно учествувало во грабежот сè уште е во бегство.
Кражбата се случила на 19 октомври, непосредно по отворањето на музејот, кога групата крадци со украдено возило и механичка кревачка платформа се искачила до балконот на Галеријата „Аполон“ и со брусилка ги скршила стаклените витрини. Целата акција траела само четири минути.
Меѓу украдените осум парчиња се и тијарата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, како и накитот на Мари-Луиз. Украдените предмети сè уште не се пронајдени.
По инцидентот, француските власти ги засилија безбедносните мерки околу културните институции, а дел од највредните експонати од Лувр биле преместени на чување во Француската банка.
Фото: Pixabay/pexels
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.
Регион
Вучиќ: Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на парастосот во Храмот „Свети Сава“ во спомен на 16-те жртви кои загинаа при пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
„Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија. Шеснаесет животи беа изгубени. Денеска за секој од нив палиме свеќа, молејќи се во тишина и верувајќи дека нивните имиња и спомени ќе останат засекогаш во нашите срца,“ напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека во вакви моменти најважно е Србија да остане достоинствена и обединета:
„Без тешки зборови и поделби, во тишина да упатиме молитва за загинатите. Нека нивните имиња бидат потсетник дека човечкиот живот е над секоја поделба,“ порача Вучиќ, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.

