Македонија
ДСЗИ: Во другите градови над 95 отсто од децата се вакцинирани со дитепер, проблемот е во Скопје
Во текот на вчерашниот ден ДСЗИ излезе на терен. Сите инспектори на територијата на град Скопје почнаа со вонредни инспекциски надзори во согласност со одлуката добиена од министерот за здравство. Издадени се решенија во сите градинки на територијата на град Скопје со забрана за прием на невакцинирани деца со дитепер или нецелосно вакцинирани деца со дитепер во согласност со одлуката од министерот, извести директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.
Според првичните информации на ДСЗИ, речиси 50 проценти од децата што посетуваат градинки на територијата на град Скопје се невакцинирани или се нецелосно вакцинирани со дитепер.
„Поразителен факт за ова општество. Одговорните лица на градинките ни ги доставија списоците на невакцинирани и вакцинирани деца, од таму ни се извлечени и бројките. Оваа акција треба да продолжи во текот на денешниот ден и во текот на наредните денови. Директорите на градинките ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, а ние ќе провериме во деновите што следуваат“, рече Младеновска.
Како што одговори директорката на ДСЗИ, тие немаат издадено мерка дека по вакцинирањето, детето треба да седи дома 20 дена.
„Апсолутно е неточно дека треба да седи дома 21 ден по вакцината. Немаме издадено таква мерка ниту ние, ниту министерот за здравство, ниту Комисијата за заразни болести. Во текот на вчерашниот ден почнавме да вршиме вонредни инспекциски надзори во градинките во внатрешноста на државата. Во другите градови имаме покриеност со имунизација на дитепер кај деца во предучилишна возраст во над 95 проценти. Во другите градови родителите се одговорни, ја почитуваат обврската за вакцинирање во согласност со календарот за имунизација, очигледно проблемот е во Скопје“, рече директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.
За ситуации кога вакцинацијата е закажана за некој нареден месец, ДСЗИ постапува по донесената препорака на Комисијата и одлуката на министерот за здравство, ДСЗИ нема да прави исклучок затоа што, како што вели, тие се само извршители во оваа ситуација.
„Ако Комисијата препорача поинаку и министерот наложи да постапуваме поинаку, нема проблем, сè до тој момент ќе постапуваме како и досега“, додаде таа.
Младеновска најави дека во текот на оваа недела ќе има информации дали се примаат невакцинирани деца во градинките и соодветно ДСЗИ ќе изрече глоба и за правното лице и за одговорното лице.
Приватните градинки се контролирани еднакво како и државните, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Наследството на Св. Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот голем државен празник Свети Климент Охридски, кој истовремено е и патронен празник на бројни државни институции и установи во државава, меѓу кои и НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.
“Денеска, оддаваме почит и го славиме делото на патронот на македонската култура и духовност, Свети Климент Охридски.Како ученик на Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во поставувањето на темелите на македонската писменост и создавањето на првото словенско писмо, и тоа е врежано во нашиот македонски идентитет.
Влогот и упорноста на Свети Климиент Охридски да ја шири писменоста и во време на прогонства, се потсетник дека силата на еден народ лежи во неговата писменост, култура и образование.
Наследството на Свети Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок.
Ние ја продолживме светиклиментовата мисија, и денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот, рамноправен со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН.
Нека ни е честит и вековит Денот на Свети Климент Охридски” , стои во честитката на Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче,по повод денешиот празник упати честитка и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Свети Климент Охридски, како прв словенски епископ на просторите на Југоисточна Европа.
Македонија
(Видео) Кузеска: Го следиме трагот на парите, Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ
Скандалот со семејната фирма на Томовски која го чисти буџетот, или во бројки 5,3 милиони евра и 161 тендер е шаблон кој денеска го разоткриваме целосно, изјави портапролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Зошто Томовски овие денови толку многу се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со семејната фирма? Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот, зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт во семејната фирма“, рече таа.
Кузеска кажа дека антикорупцискиот тим на СДСМ го следел трагот на парите.
„Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е донарот на ВМРО-ДПМНЕ исто така. Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата“, рече Кузеска.
Таа додаде дека ДКСК и Јавното обвинителство не треба да молчат туку треба да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.

