Македонија
„Државата ги отпиша младите лекари“, велат од партијата Левица
Левица поднесе Иницијатива за вонреден инспекциски надзор до ДЗСИ за занемарените млади лекари, кои Македонија ќе ги изгуби, доколку Владата не им ја овозможи законски регулираната пракса. Тие веќе трет месец чекаат да бидат викнати на платена пракса, на која Министерството за здравство со закон ги обврзува за нивно понатамошно усовршување, односно запишување на специјализација, известува партијата Левица.
„По шест години редовни студии и уште шест месеци поминат стаж за полагање државен испит, тие чекаат на повик од Министерството кое е надлежно да ги ангажира низ центрите за примарна здравствена заштита. Во државава има очигледен недостигот на млади лекари, а во исто време тие се оставени во чекалницата на институциите, чекајќи вработување или платена пракса која им следува со закон“, велат од партијата Левица.
Тие имаат неколку барања од ДСЗИ.
„Веднаш да се спроведе вонреден инспекциски надзор во пријавените институции со цел да се утврди дека при работењето во Министерството за здравство биле ангажирани лекарите кои го положиле испитот за лиценца за работа во декемврискиот испитен циклус на Лекарската комора на Република Македонија во Здравствените домови;
-Да се утврди дали неправилно се применуваат законските одредби од Законот за здравствена заштита и да се нареди отстранување на горенаведените повреди на законите на Република Македонија со цел:
(1) да се спречи противзаконско оневозможување на платената пракса за младите лекари кои го положиле испитот за стекнување со лиценца на доктор по медицина; и
(2) доследно да се овозможи тековна едукација на лекари и медицински персонал, како и за кофинансирање на специјализација, односно супспецијализација на здравствените работници за 2024 година.
ДСЗИ да ги преземе сите потребни законски дејствија, да донесе соодветни управни акти со што би се санкционирале и спречиле понатамошни незаконитости и постапувања спротивни на Законот за здравствена заштита и Законот за општата управна постапка“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

