Култура
Одбележување на Денот на италијанскиот дизајн во Чифте амам

Амбасадата на Италија во Скопје и ИТА Скопје во соработка со Националната галерија организираат настан по повод Денот на италијанскиот дизајн во Чифте амам.
Во рамките на тридневната програма, на 14 март 2024 (четврток), во галеријата Чифте амам ќе се отвори изложбата со наслов „Најдрагиот Пинокио“ (Carissimo Pinocchio), во 13 часот. Поставката ќе може да се види во наредните две недели, до 28 март 2024.
Имено, во објектот Чифте амам ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со италијанската амбасада изложбата на Музејот за дизајн ADI од Милано пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, курирана од Џулио Јакети.
Годишнина, која според зборовите на претседателот Лучијано Галимберти „е повод да се прослави и прослави ремек-делото на италијанската литература, со цел да се зајакне мултидисциплинарноста на дизајнот како наследство на културното богатство способно да поставува прашања во нашите секојдневни активности“.
Срцето на „Најдрагиот Пинокио“ се 60 дизајн-проекти од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, специјално создадени за изложбата, „разни изрази на чувствата и работата на толку многу италијански дизајнери: зголемен, калеидоскопски, изненадувачки изглед, способен да ја каже приказната за способноста на италијанскиот дизајн да создава безвременски слики и предмети прославувајќи го на тој начин митот за Џепето, првиот италијански дизајнер!“ (Џулио Јакети).
Во медиумскиот простор на публиката со задоволство се обраќа кокураторот на изложбата:
„ Здраво на сите, јас сум Лука Мадонини и сум еден од 60-те дизајнери вклучени во изложбата ‘Најмилиот Пинокио’. Соработувајќи со главниот куратор на изложбата Џулио Јакети, имав и задоволство и чест да бидам сведок на сите нејзини креативни фази на оваа изложба, која е создадена со цел да се прослави 140-годишнината од раѓањето на Пинокио, една од најпознатите италијански икони во светот. Тоа, секако, е прослава на ликот на Пинокио, но и на Џепето, неговиот творец, кој знаел максимално да го искористи едноставното парче отпадно дрво работејќи со одземање и доаѓајќи до апсолутна формална синтеза: цилиндар, сфера, конусот на капата и секако зашилено испакнување, односно да се добие сè од ништо и да се најде вредност, дури и во тривијално парче остаток од дрво. За да ја покажат оваа аналогија, безброј дизајнери во текот на годините го презедоа предизвикот да ја реинтерпретираат фигурата на Пинокио, секогаш одржувајќи го формалниот архетип.
Зборувајќи за изложбата, Џулио Јакети предложи во Музејот за дизајн АДИ да се вклучат 60 италијански дизајнери, поточно 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, повикани да дизајнираат своја лична реинтерпретација на најпознатата кукла во светот. Резултатот е збирка што ја раскажува сложеноста на приказната на Пинокио и нејзините многубројни авантури и аспекти.
Станува збор за инклузивна изложба, погодна и за деца и за возрасни, полна со изненадувања, способна да предизвика насмевка и во исто време да ве натера да размислувате. Се надевам дека ќе уживате и ќе дозволите да бидете пренесени во магичниот свет на Пинокио“. (Лука Мадонини)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Извонредните полски уметници Длугош и Јунгиевич ја воодушевија публиката на Охридско лето

Најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја, Лукаш Длугош и извонредниот пијанист Анжеј Јунгиевич вчеравечер ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“ прекрасен концерт што долго ќе се памети.
Полските уметници настапија во црквата „Света Софија“ со внимателно одбран репертоар кој започна со композиција на Моцарт, а продолжи со дела од Шуман, Шаминад и Пуланк. Вториот дел од концертот беше резервиран за композиции од Шимановски, Падеревски, Менделсон, Горецки, Лутославски и Шелиговски.
-Многу сме изненадени од ова прекрасно место.Акустиката е фантастична, оригиналните фрески ни даваат поттик да го претставиме репертоарот онака како што го замисливме и подготвивме, рече флејтистот Длугош.
Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга, исто така, флејтистка, Агата Кјелар-Длугош.
-Ова е важен дел за нас музичарите. Многу сакаме да соработуваме со композитори бидејќи тие се посебени уметници и ни го прикажуваат најлесниот начин на интерпретација , формата и како да се свири добра музика во добра атмосфера. Сме соработувале со над стотина композитори. Сме снимиле повеќе од 80 компакт-дискови и за нас е огромна можност да прикажеме каков репертоар се свири на флејта во 21 век, додаде Длугош.
Длугош студирал соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги завршил на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.
Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.
Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор.
Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице.
Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година.
Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина.
Учествува на бројни фестивали и премиерно изведува дела од современите полски композитори кои се снимани за радио и ТВ. Неговите изведби се поместени на бројни носачи на звук, меѓу кои се и двата албуми со флејтистката Агата Кјелар-Длугош.
Редовно е пијано придружник на бројни работилници и мајсторски курсеви со етаблирани музичари и педагози. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.
Култура
Романот „Годините“ од нобеловката Ани Ерно на македонски јазик

Откако минатата година го добивме романот „Девојчински спомени“ од француската писателка Ани Ерно во превод на македонски јазик, следната недела од печат излегува романот „Годините“. Изданието е на издавачката куќа „Илика“, а преводот на Андријана Папиќ Манчева.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.
Со оваа книга француската нобеловка востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјективна и имперсонална, приватна и колективна, во ова дело Ерно си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикаже животот и времињата на една цела генерација.
Ани Ерно е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Првиот роман насловен „Празни шкафови“ (Les Armoires vides) го објавува во 1974 година. Пробивот во светот на книжевноста го прави со делото „Местото“ (La Place) за кое ја добива наградата „Теофаст Ренодо“. Некаде околу тој период таа преминува од пишување автобиографски романи кон дела што жанровски тешко се класифицираат, но кои се секогаш втемелени врз фактите и случувањата од нејзиниот живот, обликувани и протолкувани со помош на техниките на фикцијата.
Култура
Објавена „Македонистичко послание“ – нова книга од Кристина Николовска

Неодамна, книгоиздавателството „Панили“ објави нова книга од универзитетската професорка, книжевна теоретичарка и критичарка и поетеса, Кристина Николовска, насловена „Македонистичко послание“. Станува збор за книга што содржи: студии, херменевтички толкувања, интерпретации, есеи и беседи за она што авторката го дефинира како македонистичката творечка мисија на современа македонска поезија, проза и есеистика (на втората половина на 20 и актуелниот 21 век).
Во оваа книга, Николовска, всушност покажува интерес за т.н. „прекогнициска“ патриотска поезија, толкувајќи го феноменот преку интепретации на поетики на реномирани современи македонски писатели. Како што напоменува авторката, из децениите од втората половина на 20 век и од актуелниот 21 век, прекогнициската родољубива современа македонска поезија, преку стих, претскажува, укажува и драматично ја објавува својата загриженост за стожерните обележја на македонството: македонскиот јазик, литература и култура, името на Македонија, националните и идентитетски обележја, итн.
– Ова дело на Кристина Николовска е „внатрешна историја“ на македонистичкиот творечки подвиг на мисијата на современата македонска поезија, проза и есестика… …Ненапишаната македонистичка историја на современата македонска поезија и на македонствувачката мисла, Николовска ја истражува и толкува во поетиките на писателите: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Михаил Ренџов, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Јордан Плевнеш, Кочо Топузовски и Раде Силјан. Македонствувачкиот подвиг на овие автори ја инспирира авторката Николовска кон длабински анализи и раскошни интерпретации. Преку херменевтичка интерпретација, Николовска ги толкува суштинските процеси на нашата македонствувачка поезија и мисла. Делото има извонредно значење бидејќи прави есеистичко „осветлување“ на нашиот македонствувачки творечки 20 и 21 век, истакнува во својата рецензија проф. д-р Веселина Лабровска, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
„Македонистичко послание“ има осмислена и изградена концепција со 17 херменевтички студии, есеи и беседи. Носечки се студиите за стожерниците на македонистичката книжевна и творечка мисија, кои се вдлабуваат во суштините на македонствувањето. Книгата содржи и феноменолошки есеи и расправи на тема: јазик, поезија, идентиет, како и есеј на тема: жанрот беседа, кој ги објаснува процесите на потребата од постоење, развивање и афирмација на овој подзаборавен ораторски жанр, кој ја красеше современата македонска критика, особено во втората половина на 20 век. Николовска одново го заживува тој жанр.
– Книгата „Македонистичко послание“ ја афирмира македонската поезија, книжевност и есеистика, особено ги актуелизира македонскиот јазик и култура бидејќи покрева важни прашања за: индетитетот, македонскиот јазикот, и за феномените на творечкиот и поетскиот јазик…. …Критичкиот дискурс на Николовска е извонредно студиозен и аналитички. Николовска е врвен беседник, оратор кој восхитува со раскошна интерпретација и филозофски толкувања кои имаат висока авторска вредност. Студиите се засновани на студиозни и стабилни книжевно-теориски анализи и интерпретации, но важно е што дискурсот на обраќање е отворен, комуникативен и за пошироката публика, а не само за стручната публика, нагласува професорката Лабровска во својата рецензија.
Оваа, најнова книга на Кристина Николовска, веќе е достапна во книжарниците.