Македонија
За Тошковски, скандалозна и незаконска е владината одлука да поништи пет негови наредби за кадровски решенија
Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски, објави дека вчерашната одлука на Владата, со која се поништени пет наредби донесени од негова страна, е скандалозна и спротивна на законите.
„Една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи, кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село, каде што се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето лични документи на граѓаните на оваа општина.
Другите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет, со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување мирен и демократски изборен процес“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Владата на вчерашната седница, како второстепен орган, прогласи за ништовни пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност донесени од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бидејќи биле со едностран потпис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

