Македонија
Дрин Ахмети се повлекува од „Соравија“

Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, кој е основач и сопственик на „Тор индустрис“, компанијата што го купи трговскиот центар „Соравија“, ќе се повлече од раководната функција во компанијата до крајот на годинава.
Според соопштението на „Тор индустрис“ , нов сопственик е американската компанија „Тексас американ интернешнл холдингс“.
Се додава дека одлуката за повлекувањето на Дрин од позицијата доаѓа како дел од планот за транзиција на стратешкото лидерство, кој обезбедува непречено и ефективно пренесување на одговорностите на новиот менаџерски тим назначен од „Американ интернешнл холдингс“ во Тексас.
„ Интеграцијата на ‘Тор индустрис’ во американската компанија претставува хармонично усогласување на вредностите и стратешките цели на двете фирми и се отвораат нови патишта за иновации, проширување на пазарот и подобри понуди на услуги за клиентите“, се дополнува во соопштението.
Компанијата на вкукот на Али Ахмети беше во фокусот на јавноста откога го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје. Покрај „Тор индустрис“, Дрин Ахмети поседува и други бизниси.
Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција сè уште спроведува предистрага за тоа како без вложен денар, Ахмети стана сопственик на 39 отсто од акциите на трговскиот центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.
Македонија
Движењето ЗНАМ со панел-дискусии одбележа една година дел од Владата

Во полна сала, со силна енергија и инспиративни пораки, Движењето ЗНАМ –за наша Македонија, одржа панел дискусија под мотото „Посветеност –Отчетност – Резултати“. Во фокусот на настанот беше една година учество на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија во Владата и што е направено досега.
Настанот беше поделен во два тематски панели, кои отворија прашања за реформите во јавната администрација, енергетиката, животната средина, правосудството, дигитализацијата, пензискиот систем, односите со верските заедници и здравството.
Во рамки на првиот панел „Јавната администрација и зелената иднина“,
каде панелисти беа министерот за јавна администрација Горан Минчев,
заменик-министерот за енергетика, рударство и минерална суровина
Мирослав Лабудовиќ, државниот секретар во министерството за
земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски,
директорите на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и Институтот за Акредитација Нико Берберу. Се говореше за реформските закони, енергетиката, земјоделието, животната средина и европската акредитација. Во него беше потенцирано дека реформите во државната служба се движат кон поефикасен, инклузивен и модерен јавен сектор кој е во служба на граѓаните. Истакнати беа стратешките вложувања во енергетиката и поддршката за земјоделците, особено младите, со фокус на дигитализација,
задругарство и климатска отпорност.
Дополнително, беа презентирани политики за заштита на животната средина засновани на превенција и одговорност на сите општествени чинители, како и значењето на европската акредитација за конкурентноста на македонската економија.
Низ вториот панел „Силни институции – стабилно општество“, министерот за правда Игор Филков, заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски, директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов, претседателката Комисијата за односи верските заедници и директорот на Клиниката за физикална медицина Злате Мехмедовиќ.
Во дискусиите панелистите истакнаа дека реформата започнува со
транспарентна комуникација, дигитална достапност, правна сигурност и
социјална инклузивност.
Вториот панел ја нагласи клучната улога на транспарентноста и реформите во правосудството, при што беа презентирани системски закони насочени кон зајакнување на интегритетот, професионалноста и независноста на судството, како и целосно нов Закон за Судски совет.
Панелистите дискутираа и за стабилизацијата на пензискиот систем,
дигиталната трансформација на институциите, унапредувањето на
здравството и важноста од градење на општество засновано на меѓусебна почит и верски дијалог.
Движењето ЗНАМ уште еднаш покажа дека со интегритет, стручност и
посветеност, Македонија може да чекори напред – обединета, сигурна и достојна, со најава дека настани од ваков тип ќе следат низ целата
држава.