Македонија
Петровска на брифинг детаљно за набавката на нови осум хеликоптери: Инвестирањето во Армијата е инвестирање во иднината на нашата држава

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска, на брифинг со претставниците на медиумите, ја образложи одлуката за набавка на осум нови повеќенаменски хеликоптери од типот AW149 и AW169M за Армијата од компанијата „Леонардо“ од Италија.
Министерката Петровска истакна дека препораката за набавка на овие хеликоптери е донесена од интегрираниот проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и Армијата, кој функционира од 2019 година. Во овој период ИПТ-тимот реализира многубројни работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новата платформа хеликоптери, во чии рамки беа извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
„Беше извршена сеопфатна и објективна анализа на сите алтернативи преку голем број матрици и утврдена методологија, кои вклучуваа тактичко-технички перформанси на хеликоптерите, опременост со системи за реализација на потребни мисии, системот за одржување, цени, обуки, перспективност и слично“, рече Петровска.
Министерката додаде дека паралелно со оваа набавка, а како дел од една целина, Министерството за одбрана работи и на подобрување на состојбата со персоналот кој понатаму ќе ги лета и одржува овие хеликоптери.
„Со набавката на новите хеликоптери ќе дојде до значителна модернизација на воздухопловната компонента и подигање на способностите за извршување мисии како за потребите на Армијата така и за поддршка и на другите цивилни институции на нашата држава. Инвестирањето во Армијата е инвестирање во иднината на нашата држава и затоа ќе продолжиме со овој интензитет“, истакна министерката Петровска.
Претставниците на медиумите од страна на заменик-командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковникот Игор Чкоров, беа запознаени со карактеристиките на хеликоптерите од типот AW149 и AW169M, како и причините зошто овие хеликоптери се најсоодветни за македонската Армија.
Набавката ќе почне да се реализира по потпишувањето на договорот влада со влада меѓу Република Северна Македонија и Република Италија, кој ќе биде потпишан деновиве.
Во оваа набавка, покрај оваа на 4 хеликоптери од типот AW149 и 4 хеликоптери од типот AW169M, вклучен е и пакет за логистичка поддршка – опрема што ги исполнува оперативните барања за извршување специфични мисии; комплет резервни делови и потрошен материјал, специјален алат, испитна опрема за двата хеликоптера; тренажер и изградба на модерен инфраструктурен објект и комплетна обука на летачкиот и техничкиот персонал. Хеликоптерите се очекува да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).