Македонија
(Видео) Милошоски: Лога во координација со Ахмети и Ковачевски на шверцерски начин го измени Законот за Академијата за судии и јавни обвинители
„Значи би сакал кратко денес прес конференцијата да ја посветам на Академијата за судии и јавни обвинители. Имено, веќе ви е познато дека министерството за правда на Кренар Лога во координација со Ахмети и со Ковачевски на шверцерски начин во Собранието со злоупотреба на европското знаменце го измени Законот за Академија за судии и јавни обвинители. И оној главен испит за влез на слушатели во Академијата кој што треба да се полага само електронски и е европско правило, го сменија и по исклучок ставија дека може истиот да се полага и по писмен пат, затоа што ДУИ, СДС и Кренар Лога имаат веќе однапред подготвен список за следните 130 слушатели на оваа Академија, кои што треба да бидат идни судии и обвинители“, рече Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
„Имаме информација од Академијата за судии и обвинители дека овие денови треба да се одржи Управен Одбор на Академијата за судии, на која што ќе се разгледува и прашањето за тоа кога да се полага овој според нас штелуван писмен главен испит за прием на слушатели на академијата.
Она што тие го предвиделе во самата Академија се членовите во одредени закони, Имено во Законот за Академија за судии и јавни обвинители член 50 е запишано дека слушателот во академијата заснова работен однос на определено време.
Тоа значи дека постапката за полагање на електронски или писмен испит е постапка за вработување во Академијата за судии и јавни обвинители.
Истовремено напоменуваме дека во Изборниот законик во член 8 А е јасно запишано дека од денот на распишување до денот на завршување на изборите не може да започне, ниту смее да продолжи било која постапка за вработување. Тоа е наведено во членот 8 А од Изборниот законик.
Ова како начелен став го потврди и Државната комисија за спречување на корупцијата два дена по распишувањето на изборите.
Затоа укажуваме најсериозно до сите членови на Управниот одбор на Академијата за судии дека секој кој што ќе гласа за полагање на писмениот главен испит за прием на слушатели во оваа академија ќе го прекрши Член 8 од Изборниот законик и со самото тоа ќе се изложи на кривична пријава за несовесно работење во службата.
Се надеваме дека директорката Габер Дамјановска знае дека почитувањето на Изборниот законик е поважно од желбата на внуката на Рамиз Мерко г-ѓа Ерканда Баута незаконито да стане судија.
Сакам да верувам дека и претседателот на Управниот одбор на Академијата Беким Мехмеди, знае дека владеењето на правото е побитно од желбата на Мики Крстев, заменик министер од СДС да стане обвинител со наместено полагање на писмен тест во време на распишани избори.
И сигурен сум дека државниот обвинител Коцевски знае дека желбата на Мурат Асанов Шабани од Струга да се пикне во обвинителството со полагање на писмен испит во забранет изборен период е законски казниво и за двајцата.
Затоа, почитувани членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, ви укажуваме дека ќе сносите кривична одговорност доколку гласате за полагање на писмениот испит во време на распишани избори, затоа што истиот е дел од постапка за вработување кое е законски забрането. Размислете затоа што владеењето на правото е многу побитно од кариерата на некои блиски луѓе на Рамиз Мерко. Вие сте судии, вие сте обвинители, вие сте членови на Управниот одбор и вашата кариера и денес и во иднина ќе зависи многу од оваа одлука.
Затоа што и вие сносите одговорност за одлуките кои ги носите особено ако тие одлуки се спротивни на законот. Не се надевајте дека изборната кампања и вниманието на медиумите за тоа кој и каде ќе биде на изборните листи ќе го заборави овој случај или дека ќе го остави настрана незабележано вашето дејствување како одговорни членови во Академијата за судии“, изјави Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

