Македонија
Лога: Потребна е посветеност на законодавната и на извршната власт за во сите процеси Уставниот суд секогаш да остане на врвот на своите должности
Министерот за правда, Кренар Лога, се обрати на меѓународната конференција по повод 60 години Уставен суд. Говорејќи за уставно-судската заштита на слободата на мислата и слободата на јавното изразување на мислата, Лога потенцира дека уставните судови преставуваат главни гаранти за заштита на човековите права, а уставната правда се смета за камен-темелник на уставната демократија.
„На одбележувањето на овој за сите нас значаен јубилеј, најпрвин сакам да изразам почит и благодарност до сите судии и претседатели на Уставниот суд, без чиј придонес би недостигале успесите на уставното судство на Северна Македонија. Уставниот суд, како главен фактор за одржување на владеењето на правото, преку својата практика ги зајакнува човековите права и го зачувува авторитетот не само на највисокиот правен акт на нашата земја туку и на ратификуваните меѓународни договори“, рече Лога.
Во таа насока, како што истакна, вреди да се спомене дека Уставниот суд често се повикува и на судската практика на Европскиот суд за човекови права, што ја покажува ориентацијата на неговата судска практика кон европските вредности и стандарди, отелотворени во Европската конвенција за човекови права.
Истакна дека е потребна посветеност и на законодавната и на извршната власт за во сите овие процеси Уставниот суд секогаш да остане на врвот на своите должности подготвен да ја врши својата надлежност, како и да ја гарантира заштитата на уставноста и темелните вредности вградени во нашиот Устав, со професионален интегритет и целосна независност во одлучувањето.
Во РАЗВОЈНАТА СЕКТОРСКА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРАВОСУДСТВО (2024 – 2028 година) особено внимание е посветено на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Во овој документ се констатира дека постои потреба од стручна дебата и анализа за тоа дали во сегашниот општествено-политички амбиент е потребно да се прошират надлженостите на Уставниот суд, особено во контекст на заштитата на правата и слободите на граѓаните. Исто така, посебно е констатирано дека анализите за извршувањето на функциите на Уставниот суд бараат отворање расправа за реформи во насока на законско уредување на постапката пред судот, неговата надлежност за заштита на човековите права, како и одделни статусни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

