Македонија
Агенцијата за медиумите објави извештај за предизборното претставување

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги денес го објави извештајот од мониторингот на медиумското претставување за претстојните претседателски и парламентарни избори за периодот од 15 февруари до 7 март 2024 година.
Со мониторингот беа опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МТВ1, МТВ2, ТВ „Алсат-М“, ТВ „Алфа“, ТВ „Канал 5“, ТВ „Сител“, ТВ „Телма“, ТВ „21-М“ и ТВ „24 вести“. Во извештајот се анализирани прилозите во централните изданија на вестите/ТВ-дневникот поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.
Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.
„На програмските сервиси ретко беа забележани новинарските информативни прилози во контекст на партиски предизборни ветувања, а мошне често беа нагласени критичките прилози за постојните, тековни општествено-политички последици од недоволно обмислени, лошо менаџирани политики на претходната и на одредени структурни делови од составот на преодната Влада“, велат од АВМУ.
Забележани се разни степени на новинарска критичка зрелост во односот кон псевдонастаните, што во предизборието, како активен облик на самопромоција, ги организираат партиите и одредени носители на јавни функции во составот на преодната Влада. Без исклучок – сите информативни редакции, доминантно покажаа интерес за темите поврзани со административните лавиринти за замена на документите за лична идентификација, каскадната одговорност за системска негрижа за пациенти со ретки и/или со тешки заболувања и навредливата реторика и политичката некултура во комуникацијата меѓу некогашни носители на јавни функции и медиумските работници.
Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МТВ 1 и ТВ „24 вести“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.