Македонија
Вал: Со одлуката за повреда на правата на новинарите за 27 април, Уставен придноесе за развој на демократијата

За организирањето на 60 годишниот јубилеј, Уставниот суд доби поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје при што еден од говорниците беше и амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата во Скопје, кој во своето излагање даде неколку поенти за важноста на Уставниот суд и неговиот придонес за напредок на демократскиот развој на општеството.
„Едноставното споменување на богатата судска пракса на Судот нема да им оддаде признание на нивните напори, но многу е важно да се истакне дека, низ целата негова стожерна работа, Уставниот суд воспостави доктрина на позитивната обврска на државата да ги обезбедува слободите и правата. Судот го постави овој стандард со тоа што ја зеде предвид праксата на Европскиот суд за човекови права при заштитата на слободата на изразување и заштитата на новинарите. Преку својата јуриспруденција, Судот не само што ги одбрани индивидуалните права на новинарите, туку и активно придонесе за слободно и демократско медиумско известување. Со оваа епохална одлука, Уставниот суд директно придонесе за развојот на посилно демократско општество во Северна Македонија“, рече Вал.
Шефот на мисијата на ОБСЕ, дополнително изрази поддршка за Уставниот суд за воведување на уставна жалба и потенцираше: Долго време се застапува зајакнувањето на Уставниот суд преку воведување на сеопфатниот механизам на жалба. Со доверувањето мандат на Уставниот суд директно да ги обработува жалбите на граѓаните, наместо да се потпираме на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ја правиме правдата попристапна и поблиску до дофатот на сите граѓани на Северна Македонија.
Повика, стоејќи на овој крстопат, на кој го славиме минатото и гледаме кон иднината, да ја обновиме нашата колективна заложба за поддршка на патувањето на Уставниот суд.
„Почитувана претседателка Кацарска, почитувани гости, Мисијата на ОБСЕ во Скопје е ваш партнер на ова патување на кој може да се потпрете. Неодамнешното потпишување на обновениот Меморандум за разбирање помеѓу Мисијата и Уставниот суд сведочи за нашата заедничка заложба за зајакнување на капацитетот на Судот.
Заедно со Вас и сите наши партнери, се посветуваме да го поддржиме Судот кој продолжува да служи како витален столб во заштитата на човековите права, зачувувањето на правдата, владеењето на правото и демократијата во Северна Македонија”, рече Вал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со слаб северен ветер, попладне врнежи од дожд

Променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степен.
Во Скопје, променливо облачно со слаб северен ветер. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m². Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места. На повисоките планини ќе се формира снежна покривка.Температурата на воздухот значително ќе опадне. Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето со пораст на дневната температура
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка на булеварот Партизански Одреди бр. 59а, без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од булеварот 8-ми Септември до Франклин Рузвелт. (општина Карпош)
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
„Ајфонот е на братучед ми“ – Дудуш вели дека се сликал со телефонот за да го промовира бројот 17 за изборите

Градоначалникот на Шуто Оризари и кандидат за нов мандат, Курто Дудуш, објави дека фотографијата со „ајфон 17 про макс“ имала за цел да го промовира бројот 17 со кој ќе настапи со „Унија на Ромите“ на локалните избори.
За скапиот телефон, кој чини над 1.000 евра, Дудуш вели дека не е негов, туку на неговиот братучед, Алмир Дудуш – познат бизнисмен во Шуто Оризари.
Преку социјалните мрежи, Дудуш објаснува дека телефонот бил искористен како визуелен елемент за привлечност пред медиумите, при што, како што вели, медиумите веднаш загризале и се фокусирале на сликата, наместо на програмските идеи и проекти.
Дудуш наведува дека целта е остварена – бесплатна реклама на изборниот број.