Македонија
Утре по повод Денот на НАТО во Тетово ќе се одржи техничко-тактички збор, воведен посебен сообраќаен режим

Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека по повод 17 Март – Денот на НАТО и четири години полноправно членство на Република Северна Македонија во оваа организација, на 17 март 2024 година (недела) на Градскиот плоштад во Тетово ќе биде организиран, односно ќе се одржи техничко-тактички збор, чиј носител е Министерството за одбрана.
Со цел непречено и безбедно да се одвива техничко-тактичкиот збор и сообраќајот во централното тетовско подрачје, СВР Тетово од 09.00 до 17.00 часот ќе воведе посебен сообраќаен режим. Во овој период ќе биде дозволено движење на возилата по улица „Илинденска“ до кружниот тек со улица „Маршал Тито“, по улицата „Тодор Циповски-Мерџан“ до крстосницата со улицата „Страшо Пинџур“, по улицата „Страшо Пинџур“ до крстосницата со улицата „Никола Тесла“ и по улицата „Маршал Тито“ до крстосницата со улицата „Јане Сандански“.
Одвивањето на сообраќајот на овие улици ќе го регулираат полициски службеници и до возачите се апелира целосно да ги почитуваат нивните наредби и насоки и да имаат трпение и разбирање за измените на сообраќајниот режим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„СДС признаа дека незаконски следеле, но наместо извинување продолжуваат со лаги и манипулации да си креираат предизборна кампања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Откако СДС признаа дека прислушувале и следеле преку АНБ и АР, наместо да се извинат продолжуваат да ги штитат нарачателите, извршителите и организаторите на незаконското следење на претседателот Мицкоски, на новинари и бизнисмени. Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Љупчо Коцевски наместо да бидат повикани на одговорност, СДС и понатаму се труди со сите сили да ги заштити“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС продолжува да ги штити сите кои ги злоупотребувале институциите, СДС продолжува да шири лаги и манипулации во врска со случајот и на тој начин да креира валкана и лажна кампања против Мицкоски и власта.
ЈО да не ги штити структурите на СДС и ДУИ и да почне да работи на сите предмети и афери кои се објавуваат во јавноста, а не да ги прикрива и молчи и покрај сите докази како и да почне да делува по допрен глас.
ЈО наместо да молчи и соработува со СДС и ДУИ да се произнесе за случајот во спротивно е дел од политиканството и продолжение на незаконското работење, на криминалот и корупцијата.
Доколку ЈО и Коцевски не почнат да работат во интерес на правото и правдата и продолжат да бидат неми набљудувачи на процесите, треба да знаат дека тоа нема да трае долго и ќе сносат одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Шукова: Образованието е иднината, имаме план за финансиски стабилни училишта, мотивирани наставници и современи програми за учениците

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одржа трибина посветена на образованието, како еден од најважните приоритети за развој на Град Скопје и иднината на младите генерации. На трибината учествуваа потпретседателките на СДСМ, Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Кристина Костова и Ана Чупевска.
Потпретседателката Ана Чупевска потсети на досегашните резултати и вложувања во образованието и инфраструктурата.
„Како локална власт во периодот 2017–2021 ги реконструиравме сите 23 средни училишта во Град Скопје, поставивме 572 прочистувачи на воздух, обезбедивме бесплатен превоз за сите средношколци и воведовме образовни асистенти. Како централна власт, зголемивме плати на наставниците, укинавме екстерно тестирање и инвестиравме во дигитализација. Тоа е доказ дека СДСМ не само што ветува, туку и реализира“, рече Чупевска.
Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, ја претстави визијата за иднината на образованието во главниот град:
„Младите се срцето на нашиот град. Ако тие заминат затоа што не гледаат перспектива, сите планови остануваат само на хартија. Затоа ќе инвестираме во нови училишта, современи програми, дигитализација и лаборатории. Во мојот мандат ќе ставиме крај на незаконското назначување ВД директори, ќе воведеме модерни системи за греење и ќе ја вратиме професионалноста во образованието. Ниту едно дете нема да биде оставено настрана, ќе има поддршка за талентираните ученици, асистенти за ученици со посебни потреби и фондови за младински иницијативи. Скопје мора да стане град во кој младите сакаат да останат, да учат и да создаваат.“
Потпретседателката Кристина Костова порача дека со СДСМ и Каја Шукова ќе има одговорни, одржливи и паметни политики. „На овие избори мора да се обединиме против деструктивниот модел на ВМРО-ДПМНЕ. Каја Шукова е гаранција дека Скопје ќе добие градоначалничка која ќе го искористи целиот потенцијал на образовниот систем и наставниот кадар“, порача Костова.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 35 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во опаѓање.