Македонија
(Видео) Бојмацалиев: Со 50 милиони денари создадовме модерни работни услови на полицијата во Радовиш, Гевгелија, Дојран, Валандово
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев оствари работна посета на подрачјето на СВР Струмица каде што оствари работни средби со раководствата на СВР Струмица и Одделенијата за внатрешни работи во Радовиш и Валандово во рамки на серијата посети што ги реализираме во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.
„Од страна на раководството на СВР Струмица бев брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица изминативе два месеци од оваа година, ја оценивме безбедносната состојба како поволна, разговаравме и за подготвеноста на полицијата околу безбедносниот аспект на Струмичкиот карневал каде што вечерва на покана од градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов на мое особено задоволство ќе присуствувам на главниот настан од осумдневните карневалски свечености на еден од дваесетте најдобри улични карневали во светот, Струмичкиот карневал”, рече Бојмацалиев.
Изминативе шест години на подрачјето на СВР Струмица реконструирани се: ОВР Радовиш, ОВР Валандово , ОВР Гевгелија и ПО Дојран.
„За сите посочени објекти издвоивме околу 50 милиони денари средства од Буџетот на МВР кои според сегашниот квалитативно видоизменет градежно-инфраструктурен облик целосно ги задоволуваат бараните критериуми за непречено функционирање на полициските служби во интерес на подобрување на услугите на граѓаните од овој регион”, рече Бојмацалиев, со уверување дека колегите од СВР Струмица ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски Изборен процес што ни претстои наредниов период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

