Економија
Ковачевски: Направивме многу, но тоа не е доволно, со новата програма до 600 евра минимална и над 1000 евра просечна плата

7 години се прилично долго време. Низ тие 7 години, СДСМ направи многу добри работи. Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра, иако ветивме 500. Пензиите се во просек за 6000 денари повисоки, и континуирано ќе растат. Сѐ се тоа двојно и ли тројно зголемени показатели. Невработеноста ја преполовивме. – истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
Ние нашите планови, а и ветувања, ги исполнуваме. Ние даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните. Исто како што ги дадовме сè од себе за да им помогнеме на граѓаните и фирмите полесно да се справат со сите предизвици. Во најтешката криза, преку антикризните мерки помогнавме да не се почувствува ценовниот шок, се потрудивме зголемувањето на цената на струјата никој да не ја почувствува – рече Ковачевски
Никого не оставивме сам. Постојано бевме на терен, бевме рамо до рамо со граѓаните. За три години преку антикризни мерки обезбедивме помош од 2,6 милијарди евра. Го заштитивме стандардот на граѓаните. Дадовме сѐ од себе во Македонија да се живее подобро отколку пред седум години. Направивме храбри и вистински чекори и резултатите се и видливи. – истакна Ковачевски
-Но, тоа не е доволно. И јас сум дел од граѓаните, знам што се случува, знам дека сето ова и треба, а и може да е подобро. Затоа што се уште има граѓани чие секојдневие е многу тешко, кои не можат целосно да им обезбедат сѐ што им треба за нивните деца. Затоа, велам, и може и треба мора да направиме повеќе. Мора да направиме да е подобро – посочи Ковачевски
-Програма на СДСМ ќе биде пример за тоа како треба да се работи за да се обезбеди повисоки плати и пензии, посилна економија, подобро образование и здравство, конкурентно земјоделство. Програма за сите – за младите, за пензионерите, за земјоделците, за стопанството, за работниците. Програма со која предвидуваме сериозни и издржани проекции кои ќе донесат економски раст и развој. – рече Ковачевски
Како што предвреме го исполнивме ветувањето 500 евра просечна плата, така и во наредниот мандат ќе обезбедиме просечна плата од над 1000 евра и минимална плата од 600 евра. Поддршката за компаниите ќе е најмалку 50% повисока од сегашните рекордни 100 милиони евра, а земјоделците ќе може да сметаат на нови, зголемени 750 милиони евра субвенции – порача Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.