Регион
„Веќе не сме такви будали“ – Вучиќ најави промени во пристапот кон дијалогот со Приштина

Претседателот на Србија најави дека ќе има промени „во доктрината и пристапите“ за продолжување на дијалогот со Приштина, што, како што рече, значи дека повеќе нема да може Белград да се става пред свршен чин.
Тој рече дека Белград останува отворен за дијалог, но дека разговорите ќе ги води на „поинаков начин“.
„Кога некој еднаш ќе ве изневери, тоа им се случува на добри луѓе затоа што верувале на нечиј збор или потпис. Кога ќе ве изневери по втор пат, можеби сте верувале или сте сакале премногу да верувате. Ако вака продолжи, не зборува за тој што те измамил, туку дека си будала. Ние веќе не сме такви будали“, изјави Вучиќ на новинарите во Белград по приемот организиран за основците од Косово.
Вучиќ најави дека очекува „лоши вести“ за Србија во наредните денови.
„Ќе објаснам како некои таканаречени пријатели не мамеа и лажеа во врска со членството на Косово во Советот на Европа. Рековме што ќе се случи ако тоа се случи бидејќи мислат дека имаат право да го спроведуваат договорот на измамнички начин. Ќе ни биде многу тешко затоа што нечија намера е да го турне српскиот народ што подалеку од Косово и Метохија и да им обезбеди целосен легитимитет и законитост за нивните постапки на оние што ги протеруваат Србите. Ова е само дел од она што ни се подготвува“, рече претседателот.
Насила можете да спроведете сè, но ќе треба да кажете дека тоа го спроведувате со сила“, рече Вучиќ.
По повод 20-годишнината од „мартовскиот погром“ против Србите на Косово, тој рече дека прогонот и насилството врз нив „со иста брзина и жестокост“ продолжува и денеска.
„Ниту методите не се менуваат многу, со истата сладострасна поддршка на оние што ги поддржаа со бомби во 1999 година, само во малку поизвртена форма. 25 години откако почнаа со оружје да ни го земаат Косово и Метохија, не престанаа и нема. Но, почесно е да се зачува слободата и да се заштити меѓународното право. Србија ќе продолжи да го прави тоа и во иднина“, рече претседателот.
Обраќајќи им се на основците од Косово, Вучиќ им се заблагодари што, како што рече, ја сакаат Србија, што знаат дека тоа е нивна земја и што знаат дека имаат само еден главен град – Белград.
„Денес во нашето славно Косово и плодна Метохија, вие сте некој и покрај желбите на оние кои не се никој, стоите и опстојувате како свои затоа што сте свои во нашето Косово и Метохија. Ви посакувам да ја сакате Србија. Србија не е нешто што е надвор од вас, ние секогаш ќе бидеме покрај вас, заедно со вас. Никогаш нема да бидете сами. Да живее Косово и Метохија и нашата единствена, убава Србија“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ оди во Русија на прославата на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде ќе присуствува на парадата за Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолија.
При гостувањето на ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека „со гордост ќе ја претставува Србија“ на обележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Ќе одам во Москва“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека најверојатно сам ќе отпатува во руската престолнина и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари на светот, и однадвор и од внатре“.
„Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност правилно да соработува со Европската унија и никој да не го обвинува за ништо. Тешко дека армијата ќе оди, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, рече Вучиќ.
Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за новиот гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е загрозена од американските санкции поради рускиот сопственички удел.
„Мораме да го потпишеме договорот за гас до 30 мај. Мора да го решиме прашањето за нафтената компанија. Мора да разговараме и за сите други теми“, рече Вучиќ.
Тој ја најави и посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека ќе има можност да разговара со претставници на Републиканската партија и американското раководство пред да замине за Москва.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.