Регион
(Видео) Се отвори земјата во Босна и Херцеговина, мистериозна дупка длабока 3 метри ги исплаши сите

„Ова е навистина големо чудо, никогаш не сум видел вакво нешто“, вели Мирсад Зулум од Горњи Вакуф-Ускопље во Босна и Херцеговина, откако видел огромна мистериозна дупка во земјата, полна со вода, среде својата земја на плантажата со лешници.
Според Мирсад, мистериозната дупка прв ја видел неговиот син, кој брзо му се јавил на татко му со надеж дека ќе му објасни за што се работи, но таа ги оставила во страв и него и неговиот син, но и сите локални жители во овој дел на Босна и Херцеговина.
„Син ми ја виде дупката и ме повика. Според моја проценка, до водата е длабока три метри, а веројатно уште три метри подолу“, тврди Мирсад, кој фрлил големи камења во дупката за приближно да знае колку е длабока.
Тој исто така посочува дека не знае зошто се случило тоа, но се надева дека нешто слично нема да се случи и во другите делови на плантажата, бидејќи не би се снашол добро доколку тој или некој од неговото семејство се најде во таква ситуација.
„Погледнавме нешто, истото се случи и во Србија, но на некое поле, не знам, никој нема објаснување. Не знам, не знам, не врнеше за таму да се случи ова. И чудно е како наеднаш се појави дупка, да пропаѓа земјата… но ова е чудо невидено“, вели Мирсад.
„Можеби доаѓаат последните денови“
До дупката има и дрво со лешници, па сите се прашуваат зошто и тоа не пропаднало.
„Не знам како тоа чудо не го повлече, се гледа како малку се наведна, можеби некои стручњаци можеа да дадат објаснување, чудо невидено, можеби доаѓаат последните денови, нешто се навестува“ вели тој за каналот на Јутјуб „Средња Босна Данас“, а потоа додава:
„Кој ќе ме спаси ако паднам, кој ќе ме слушне. Кал е, не би можел да се искачам“.
Додека тој и неговиот пријател почнале да фрлаат огромни камења во дупката со надеж дека ќе ја наполнат што побрзо, многумина го критикуваа во коментарите и го советуваа да почека да дојде експерт и да утврди за што се работи.
Исто така, многумина во коментарите под видеото напишаа дека слични феномени се случуваат насекаде низ светот после земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ оди во Русија на прославата на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде ќе присуствува на парадата за Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолија.
При гостувањето на ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека „со гордост ќе ја претставува Србија“ на обележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Ќе одам во Москва“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека најверојатно сам ќе отпатува во руската престолнина и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари на светот, и однадвор и од внатре“.
„Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност правилно да соработува со Европската унија и никој да не го обвинува за ништо. Тешко дека армијата ќе оди, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, рече Вучиќ.
Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за новиот гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е загрозена од американските санкции поради рускиот сопственички удел.
„Мораме да го потпишеме договорот за гас до 30 мај. Мора да го решиме прашањето за нафтената компанија. Мора да разговараме и за сите други теми“, рече Вучиќ.
Тој ја најави и посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека ќе има можност да разговара со претставници на Републиканската партија и американското раководство пред да замине за Москва.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.