Македонија
ВМРО-ДПМНЕ Охрид: СДС треба да се срами од народот, информациите кои ги објавија за наводен непотизам се неточни
„СДС како кумови на непотизмот, нема право да зборува за тоа, затоа што нивните огромни дрва со вработени се толку испреплетени што човек не знае од каде да почне“, реагира ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
„Во духот на чесноста и денешниот празник Прочка, читајте сега вие по ред за целосната вистина:
Билјана Аврамоска, вработена во време на СДС и преземена од средно училиште во Скопје од страна на директор поставен од СДС во Охрид како дефицитарен кадар електроинженер хардвер и електроника.
Споменатиот роднина Китески е Китевски и воопшто не е прв братучед на секретарот Китески.
Елена Китеска со промена на власта избркана од работа по налог на Жаклина Лазаревска, 9 месец бремена и како сите останати кои беа избркани во 2017 година од образование со промена на власта во 2022 се враќани постепено на работни места.
Кристина Блажеска е вработена на конкурс објавен во јуни 2021 од директорот Грданоски, кадар на СДС во време на нивната локална самоуправа.
Ана Србиноска, пријавена на конкурс за 11 работни места, на кој конкурс за нејзиното работно место нема други пријавени и единствен кандидат кој исполнува услови.
Тео Андоновски е вработен од 2013 година во ЈП ,,Билјанини Извори”, исто така долги години во структурите на партијата.
Кирил Илоски и Катерина Илоска, исто така се вработени уште во 2013 година.
Саше Најдески, претседател на статутарна правна комисија од 2017 година во ВМРО-ДПМНЕ и застапник на партијата во ОИК и ДИК и како кадар на партијата станува директор на ЈП ,,Охридски Комуналец”.
Оливера Попоска, Ангела Арнаудоска и сопругата на секретарот Трифуноски е правилно, со сите законски процедури се избрани за своите позиции.
Илија Арнаудовски ниту бил, ниту е претседател на било каква задница, ниту пак Месен Комитет во Велгошти.
Душко Устијаноски, како што е правилно, не е шеф туку шофер на камион за подигање смет.
Господо криминалци и ширачи на лажни вести од СДС.
Многу имиња и презимиња погрешно ви ги кажале, но и погрешно ве информирале.
Во наредните денови ќе биде запознаена јавноста со пајажините и стеблата на СДС во Охрид, по принципот не само на вработување, туку и на доделувањето на фотоволтаична централа од господинот Таче на својата сопруга.
СДС денес е голем празник Прочка и убаво ќе беше да побарате извинувања и простување од народот, но вие решивте на тежок празник да ги сквернавите чувствата на народот и да изнесувате лаги и клевети.
СДС треба да се сокрие и да се срами од народот, кој со години со ограбува и да знае дека за нив кои постојано грешат ќе има одговорност!“, се наведува во објавата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

