Свет
Нетанјаху го одби барањето на Бајден, ќе го нападне последното засолниште на милиони Палестинци
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли барањето на Џо Бајден да се откаже од планираниот копнен напад врз Рафах, последното засолниште за повеќе од милион раселени лица во Газа, но и град кој Израел го смета за засолниште на исламистичките борци на Хамас.
Денеска Нетанјаху им рече на парламентарците дека „совршено јасно му ставил до знаење“ на американскиот претседател дека Израел е решен да ја заврши елиминацијата на бригадите на Хамас во Рафах и дека единствениот начин да се направи тоа е да влезе во областа.
Двајцата лидери разговараа вчера, а советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан рече дека Вашингтон го смета копнениот напад за „грешка“ и верува дека Израел може да ги постигне своите воени цели на други начини.
Нетанјаху потврди дека има несогласување со Американците за потребата од влез во Рафах, но не и за потребата да се елиминира Хамас, додавајќи дека не гледа начин да се елиминира Хамас без да се уништат преостанатите баталјони.
Вашингтон покрена нова дипломатска иницијатива за прекин на огнот со цел да ги ослободи преостанатите заложници, повеќе од 100 од нив, по речиси шест месеци, и да испорача поголема помош во енклавата и да спречи гладување.
Главниот државен секретар Eнтони Блинкен најави нова посета на Блискиот Исток каде што ќе се сретне со лидерите на Египет и Саудиска Арабија за да разговараат за „вистинската архитектура за траен мир“. Блинкен досега не спомна дека би можел да застане во Израел, а израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека не биле информирани да ја подготват неговата посета.
Според Министерството за здравство на Хамас, во израелската офанзива на Појасот Газа загинале речиси 32.000 луѓе. Израел ја оспорува таа бројка и предупредува дека Хамас не го наведува бројот на загинатите борци. Војната избувна откако Хамас изврши крвав напад врз селата и кибуците во јужен Израел и музички фестивал на 7 октомври, при што беа убиени околу 1.200 луѓе и киднапирани 253.
Во два прекина на огнот Хамас ослободи околу 100 заложници во замена за неколку стотици Палестинци од израелските затвори. Повеќе од 100 заложници, меѓу кои 19 девојчиња и две деца, се уште се во заробеништво. Различни извештаи велат дека биле убиени 60 заложници.
Преговорите за прекин на огнот ќе продолжат оваа недела во Катар. Според информациите, ќе се разговара за шестнеделно примирје во кое Хамас би ослободил 40 заложници за неколку стотици палестински затвореници. Но Хамас засега не прифаќа привремено примирје, туку бара поширок план за целосен крај на војната.
Во спротивно, соопштија од терористичката организација, нема да ги ослободат заложниците. Израел во последните недели извршува прецизни напади врз лидерите на тоа исламистичко движење. САД потврдија дека Израел во текот на ноќта го убил Марван Иса, заменик командант на военото крило на Хамас во Појасот Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руските пранкери разговарале со поранешна советничка на Бајден, таа вели дека војната можела да се избегне
Украина можела да ја избегне ескалацијата на конфликтот со Русија во 2022 година доколку навреме се откажела од амбициите за членство во НАТО и прогласела неутралност, изјави поранешна советничка во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Аманда Слоут, поранешна виша директорка за Европа во Советот за национална безбедност на САД, ова го изјавила во разговор со руските комичари и „пранкстери“ Вован и Лексус, кои се претставиле како советници на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според објавените снимки, Слоут изјавила дека доколку Украина во 2021 година или на почетокот на 2022 година прогласела неутралност и се откажела од членство во НАТО, тоа „сигурно ќе го спречело разорувањето и загубата на животи“ и можело да ја спречи војната. Таа додала дека, три години по почетокот на конфликтот, останува прашањето дали било подобро тоа да се реши пред војната или за време на разговорите во Истанбул во 2022 година.
„Во една алтернативна историја, да – Украина можела во јануари 2022 година да соопшти дека нема да влезе во НАТО или да постигне договор во Истанбул по почетокот на војната. Во тој период во САД се водеше дебата и се веруваше дека Украина ќе успее во контраофанзивата, ќе врати дел од територијата и ќе избори поповолен мировен договор“, изјавила Слоут.
Истовремено, таа нагласила дека ѝ било непријатно од идејата САД активно да ја поттикнуваат Украина на таков чекор, бидејќи тоа, според неа, би значело „премолчено признавање на одредена руска сфера на влијание или право на вето“ врз украинските аспирации за членство во НАТО.
Високиот руски преговарач Кирил Дмитријев ги коментираше изјавите на Слоут, оценувајќи дека, како што рече, „длабоката држава“ на Бајден ја испровоцирала војната која можела да биде избегната.
Разговорите со поранешни функционери на Советот за национална безбедност се дел од серија снимки што Вован и Лексус ги објавуваат со години, претставувајќи се како високи политички функционери, а кои во повеќе наврати предизвикале дипломатски и политички реакции. Најчесто нивна цел биле западни политичари и критичари на Русија.
Свет
Ердоган по разговорите со Путин: Мирот во Украина не е далеку
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека мирот во Украина е остварлив и дека наскоро може да се види, по дипломатските напори во кои се вклучени Москва и Вашингтон.
По разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменистан, Ердоган рече дека Анкара се надева на соработка и со американскиот претседател Доналд Трамп за разгледување на можен мировен план.
„По средбата со Путин, се надеваме дека ќе имаме можност да разговараме за мировниот план и со претседателот Трамп. Мирот не е далеку, можеме да го видиме“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека Путин и другите актери добро го знаат ставот на Турција во однос на војната и мировните напори и додаде дека Анкара позитивно гледа на дијалогот што го иницирал Трамп.
Ердоган предупреди и дека Црното Море не треба да стане арена на ривалства, истакнувајќи дека безбедноста и слободата на пловидба се од заеднички интерес за сите страни.
Фото: depositphotos
Свет
20 американски сојузни држави поднесоа тужба поради одлуката на Трамп за визите
Калифорнија и уште 19 американски сојузни држави поднесоа тужба со која бараат да се блокира воведувањето надомест од 100.000 долари за H-1B работни визи, што го наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Тужбата е поднесена до федерален суд во Бостон и е трета по ред со која се оспорува оваа мерка, најавена во септември, со која значително се зголемуваат трошоците за добивање на H-1B визи. Во моментов, работодавачите плаќаат меѓу 2.000 и 5.000 долари по вработен за оваа виза.
Од канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, соопштија дека Трамп нема законски овластувања да воведе ваков надомест и дека тоа е спротивно на федералниот закон, кој дозволува наплата само на трошоци неопходни за администрирање на визите.
H-1B програмата им овозможува на американските компании да вработуваат странски работници во специјализирани области, а технолошката индустрија, особено во Калифорнија, во голема мера се потпира на овие визи. Според Бонта, надоместот од 100.000 долари би создал дополнителен финансиски товар за секторите како образованието и здравството и би го влошил недостигот од работна сила.
На тужбата, покрај Калифорнија, се приклучија и државите Њујорк, Масачусетс, Илиноис, Њу Џерси и Вашингтон. Белата куќа, пак, соопшти дека мерката е законска и дека ќе спречи злоупотреби на H-1B програмата.

