Свет
Унија за Медитеранот: 240 милиони луѓе покрај бреговите на Медитеранот немаат доволно вода
На Меѓународниот ден на водата, Унијата за Медитеранот ги повика своите 43 земји-членки на посилна соработка, предупредувајќи дека 240 од 530 милиони луѓе покрај бреговите на Медитеранот немаат доволно вода.
„Медитеранскиот регион е критична точка на климатските промени бидејќи се загрева за 20 отсто побрзо од светскиот просек“, соопшти организацијата од своето седиште во Барселона. „Медитеранот е дом на 180 милиони луѓе кои се сметаат за сиромашни со вода, а уште 60 милиони луѓе се соочуваат со стрес поради недостигот“, додаде таа во изјавата.
Земјите од источниот и јужниот дел на Медитеранот со години се соочуваат со недостиг на вода за пиење, а долгорочни суши неодамна ги зафатија и европските земји. Шпанските туристички региони Каталонија и Андалузија минатиот месец најавија намалување на потрошувачката на вода ова лето и веќе ја ограничија количината на вода достапна за тушеви во јавните базени и за наводнување градини.
И во Грција жителите забележуваат дека има помалку вода од порано. „Млазот вода од цевката повеќе не е силен и интензивен како порано“, изјави 19-годишниот келнер Василиос Кукулас за Хина во градот Мегалополис. На тамошниот полуостров Пелопонез, тие развиваат проекти за десалинизација кои ја обработуваат морската вода.
„Сушата е огромен проблем за нас“, истакна Василис Дертилис, кој управува со фондовите на Европската унија во Грција.
Од 1993 година, Обединетите нации го слават Меѓународниот ден на водата на 22 март за да предупредат на недостигот на вода и потребата од порационално управување со него. Во последните месеци, на опколените жители на Појасот Газа „кои умираат од глад и дехидрација“ им недостига вода, предупредија ОН.
„Пристапот до здрава вода за пиење е меѓународно признато човеково право“, рече Алмотаз Абади, потпретседател на Унијата за Медитеранот задолжен за прашањата за водите, велејќи дека е потребна заедничка акција и соработка на сите земји-членки за да се реши проблемот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложен состанокот на министрите на ЕУ во Кипар поради нападот со беспилотно летало
Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотно летало врз британската база Акротири на тој остров, објави кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на беспилотното летало моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи.
Советот за општи работи, кој е составен од министрите на ЕУ од земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.
Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, е дом на две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британски прекуокеански територии. Британците ги задржаа овие две бази според договорот за независност на Кипар од 1960 година.
фото/Depositphotos
Свет
Катар ги прекина односите со Иран по нападот
Катар ги прекина односите со Иран по нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Портпаролот изјавил за Си-Ен-Ен дека Иран гаѓал цивилна инфраструктура во Катар, вклучително и меѓународниот аеродром, како и дека катарските борбени авиони собориле дронови и други проектили.
„Ваков напад не може да помине без одмазда“, рекол тој, додавајќи дека Иран мора да ја плати цената за овој очигледен напад врз нивниот народ.
Фото: Depositphotos
Свет
Кремљ во постојан контакт со Техеран, нападот го нарече отворена агресија
Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство по, како што наведе, „отворената агресија“ врз Техеран и изрази длабока разочараност од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, нарекувајќи го „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека Блискиот Исток го турнале „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ја анализира ситуацијата по одлуката на Вашингтон да започне напади врз Иран, и покрај, како што сметала Русија, охрабрувачките сигнали од преговорите меѓу САД и Иран со посредство на Оман.
„Можеме да изразиме длабоко разочарање бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак ескалираше во отворена агресија“, рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот ќе има меѓународен телефонски разговор поврзан со Иран, без да открие со кого, и посочи дека Русија останува во дијалог и со земјите од Персискиот Залив погодени од конфликтот.
Фото: ЕПА

