Култура
Филолошкиот факултет при УКИМ покажа дека соживотот може да биде и поезија, на „Денови на поезијата“
Соживотот може да биде и поезија! Оваа е една од многуте пораки што одекнаа од вечерта на современа македонска поезија „Лицето на зборовите“, што Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, вчера ја одржа во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“. Заедно со македонски поети и со доајенот на македонскиот театар, Благој Чоревски, студенти што студираат македонистика, во книжарницата на „Литература.мк“ пренесоа антологиски стихови од македонски автори од сите генерации И со македонската љубовна лирика покажаа како се љуби на македонски.
Но, покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат беа прочитани и во превод на албански јазик. Прводите ги подготвија студентите на кои мајчин им е албанскиот јазик, а со љубов и голема посветеност на Факултетот ги изучуваат македонски јазик, книжевност и култура, со решеност професионално да ѝ се посветат на македонистиката. Поттикот за ваквиот потфат е од наставата по современа македонска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и култура и преку оствареното, уште еднаш се покажа – на Филолошкиот факултет при УКИМ, љубовта кон македонскиот збор ги обединува сите.
Неслучајно, вечерта започна со поезија од Петре М. Андреевски и беше насловена според негова песна. Не само поради 90-годишнината од неговото раѓање, туку како што беше нагласено и на настанот, затоа што тој во своите стихови ни кажа и покажа дека лицето на зборот не е едно. А Филолошкиот факултет со своите активности потврдува дека зборот има онолку лица колку што има и јазици.
Со оваа активност во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“ се покажа со колкава заедничка посветеност и взаемна почит, современата македонска книжевност ја исчитуваат и студентите на кои мајчин јазик им е македонскиот, и оние што се родени говорители на друг јазик. Обединети околу идејата дека треба да се вложат во иднината на македонистиката. А ним им се придружија и поетите Веле Смилевски и Виолета Танчева-Златева, кои со публиката што го исполни сиот простор во книжарницата „Литература.мк“ споделија дел од своите стихови.
Откако македонската љубовна лирика одекна на македонски и во превод на албански јазик, пред присутните се обратиија и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност. Тие искажаа взаемно задоволство што љубовта кон лингвистиката, книжевната наука и преводот што им се пренесува на студентите дава вакви резултати. Ваквите остварувања, како што посочија се влог и во натамошните вложувања во афирмација на македонските книжевни вредности.
Со бројни активности, манифестацијата „Денови на поезијата“ продолжува денес и утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

