Македонија
Ковачевски: Направивме многу, но треба уште повеќе, направените грешки ќе ги исправиме
Направивме многу во изминатите години, ги покачивме платите и пензиите, ја преполовивме невработеноста, обезбедивме рекордни инвестиции, вративме 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните, станавме членка на НАТО, започнавме преговори со ЕУ, навистина многу, но имаме и грешки, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќањето на 28 Конгрес на СДСМ.
-Јас сум искрен човек, а СДСМ е партија која секогаш е отворена пред граѓаните. Ние во изминатите седум години правевме и грешки. Некои беа кадровски, некои беа политички. Јас не се срамам да го признаам тоа. Знам дека во нашата држава сè уште има граѓани чие секојдневие е тешко, кои живеат во сиромаштија. Знам дека има граѓани кои се заглавени во лавиринтите на правниот систем. Знам дека има многу простор за подобрување на состојбите во здравството и во образованието. Сето тоа го знам, рече Ковачевски.
Но, знам и нешто друго. Во изминатите седум години донесовме и многу храбри и државнички одлуки, додаде Ковачевски.
-Ја ослободивме заробената држава која беше на 138 место по слободата на медиумите. Станавме рамноправна членка на најмоќната НАТО Алијанса. По 17 години чекање, конечно ги откочивме преговорите за членство во Европската Унија. Ова се резултатите кога вистински се сака татковината.
Ковачевски додаде дека СДСМ е подготвен да се менува и заедно со граѓаните да го обезбеди промените за подобра иднина.
-Заедно со вас мои драги сопартијци, ја делам и одлучноста, копнежот за подобро утре и решителноста да направиме повеќе за граѓаните, за нашите деца, за државата. Горд сум и среќен и сето ова ми дава надеж дека сме на вистинскиот пат, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

