Македонија
Каевски: Нова програма на СДСМ, имаме План за европска иднина на Македонија
СДСМ имаме јасен, конкретен и издржан план за иднината кој е преточен во нашата нова изборна програма, рече пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски и ги наброја клучните столбови од планот на СДСМ за европска иднина на Македонија:
1. ЕВРОПСКИ ПЛАТИ И ЖИВОТЕН СТАНДАРД – Во наредните четири години просечната плата ќе ја зголемиме на рекордни 1.100 евра а минималната плата на 600 евра.
2. ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ – Во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Дополнително предвидуваме мерка- новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата.
3. ПОДДРШКА ЗА МЛАДИТЕ – Новата влада на СДСМ ќе обезбеди по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.
4. СИЛНА ДОМАШНА ЕКОНОМИЈА – 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство. Како поттик на економскиот раст, СДСМ предвидува 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции.
5. МОДЕРНА ЕВРОПСКА ИНФРАСТРУКТУРА – Во наредните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Тоа се 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта.
6. ЕВРОПСКО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – Обезбедуваме уште поголеми субвенции и поддршка за нашите земјоделци од 750 милиони евра!
До 2028 година проектираме Северна Македонија повеќе да извезува отколку што увезува храна. Извозот на земјоделски производи ќе биде 1,25 милијарди евра!
7. ЕВРОПСКО ОБРАЗОВАНИЕ – Гарантираме безбедност и сигурност за учениците. Еден од проектите е бесплатен топол оброк за учениците во основните и средните училишта. Бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти. Децата се нашата иднина!
8. ЧИСТА ЕНЕРГИЈА И ПОЕВТИНА СТРУЈА – Предвидуваме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70% до 2028 во однос на 2019 година. Енергетска независност и самостојност со која ќе ги задоволуваме 100% од сопствените потреби. Проширувањето на домашните енергетски капацитети ќе влијае на намалување на цените на струјата.
9. ПОВЕЌЕ ЕУ ФОНДОВИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА – Со отворање на поглавјата ќе обезбедиме дополнителни фондови за посилна македонска економија и за повеќе знаења и стручност. Вложуваме повеќе домашни и европски фондови за градење инфраструктура, за реновирања јавни објекти, за Модернизирање на училиштата, за обуки за наставниците и младите. Уште повеќе фондови за обука и пракса за подготовка на младите за добро платени работни места по стандарди на ЕУ.
10. ЗАЕДНО ВО ЕВРОПА – Завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година. Заедно тоа ќе го направиме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

