Македонија
Археолошкиот музеј беше осветлен во црвено светло по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата – 24 Март
Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза Скопје, заедно со професионалните здруженија: Македонското лекарско друштво, Здружението на пневмофтизиолози, Македонското респираторно здружение и Македонското педијатриско респираторно здружение се вклучија кон годинешните активности на „Stop TB Partnership“, што претставува интернационална иницијатива и партнерство под закрила на Обединетите Нации, по повод одбележување Светски ден за борба против туберкулозата (ТБ) – 24 март, 2024 година.
Секоја година, на 24 март, го одбележуваме денот кога д-р Роберт Кох во 1882 го објавил откривањето на бацилот на туберкулоза. Светскиот ден на туберкулозата е повод да се мобилизира политичката и социјалната посветеност за натамошен напредок кон елиминирање на туберкулозата.

Одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата е со цел подигнување на свесноста за глобалната епидемија на туберкулоза и напорите кои се во тек за нејзино елиминирање. Овој ден служи како потсетник за изгубените животи од ТБ, тековната борба на оние кои живеат со оваа болест и итната потреба за глобална акција за да се стави крај на ТБ. Нашата меѓународна кампања има за цел не само да информира и ангажира, туку и да мобилизира ресурси, да се залага за ефективни политики и да го поттикне учеството на заедницата во глобалната борба против ТБ, усогласувајќи се со годинешната тема и целите за да нè доближи до свет без ТБ.
Годинешно мото за денот на борба против туберулозата „ДА! Можеме да ставиме крај на туберкулозата” треба да го привлече вниманието кон оваа глобална закана со цел да ја впрегнеме нашата колективна моќ за да ставиме крај на туберкулозата до 2030 година и затоа да ги достигнеме целите за одржлив развој.

Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза упатува благодарност до Археолошкиот музеј за вклучување кон ова глобално движење за да го привлечеме вниманието кон важноста за борбата против туберкулозата.
Партнерството „Стоп за ТБ“ ја започна кампањата „Осветли за туберкулозата“ првпат во 2017 година, при што во претходните кампањи со вклучување на над 60 градови ширум светот. Нашата земја, првпат се вклучи во оваа кампања минатата година, кога за истата цел се осветли Камениот Мост во црвено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.
Македонија
На Божиќ се роди Миха – првото бебе во 2026 година во Кочани
На Божиќ, 7 јануари, во раните утрински часови се роди Миха, првото новороденче во 2026 година во Кочани. Мајката Виолета од Оризари роди здраво машко дете, второ во семејството Димитровски од Оризари.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска го посети Гинеколошко-акушерското одделение во Општа болница – Кочани, каде што со д-р Илчо Атанасовски, којшто го изврши породувањето и со директорката на болницата Катерина Мирчовска-Паниќ ѝ ја честитаа рожбата на мајката.
Градоначалникот им ги врачи традиционалните подароци на бебето и на мајката и им посака добро здравје и многу среќа во животот.
– Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати го кажавме, за повторно раѓање на Кочани и на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани. Ние како Општина ќе бидеме посредник меѓу централната власт и институцијата болница во Кочани за што е можно побрзо возобноување и повеќе инвестиции, како на кадровско така и на организациско поле – рече градоначалникот Грозданов.
На Гинеколошко-акушерското одделение и на дежурната екипа градоначалникот им врачи подароци и им посака успешна работа во 2026 година.
Доктор Илчо Атанасовски соопшти дека во 2025 година на Гинеколошкото одделение во Кочани се извршени 1600 прегледи и 230 хоспитализации. Бројот на породувања е помал во споредба со лани, но бројот на дијагностицирани карциноми е зголемен од 5 во 2024 на 16 во 2025.
Според директорката Паниќ-Мирчовска се очекува брзо кадровско екипирање на Гинеколошко-акушерското одделение со нови специјалисти, како и подобрување на медицинската опрема во кочанската болница.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е во прекин за секаков тип на возила, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

