Македонија
„СДС во неполни четири години има потрошено над 18 милиони денари за реклами на Фејсбук“, велат од Левица

„Според јавно достапните информации на Meta Ad Library Report пробугарската СДС во неполни четири години има потрошено над 18 милиони денари за свое политичко рекламирање на социјалната мрежа Фејсбук“, велат од партијата Левица.
„Имено, СДС од директни извори, односно од официјалните профили на октроираниот премиер Димитар Ковачевски, официјалниот профил на СДС на „нашата земја“, официјалните профили на екс премиерот Зоран Заев како и на вице-премиерот Фатмир Битиќи додека народот живее на работ на сиромаштија имаат потрошено над 13 милиони денари за реклами на Фејсбук.
Додека пак, порталите кои важат за многу блиски на СДС, односно порталите: CIVIL MK, Frontline.мк, Трн.мк, Рацин.мк, Centar.mk и Градска.мк имаат потрошено над 5 милиони денари во неполни четири години за меко рекламирање на СДСова пропаганда.
Политичките партии кампањата за наредните избори ја започнуваат дента по завршувањето на изборите, а ваквото окупирање на интернет просторот од страна на СДС единствено има за цел да се задржи политичкото статус кво преку оневозможување на помалите политички партии, кои немаат толкави финансиски средства да бидат видени.
Ја потсетуваме јавноста дека Левица принципиелно се залага за обезбедување порамноправни услови за учество на изборите и на помалите политички партии, преку ограничување на моќта на парите во изборната кампања – правична распределба на средствата за политички маркетинг и еднаква можност за промоција во медиумскиот простор“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Kостадиновски: Нашето современо илинденско наследство е вистинската посветеност на владеењето на правото и правната држава

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод Денот на Републиката, 2 август – Илинден.
„Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.
Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.
Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!
Нека ни е честит Денот на Републиката!
Честит Илинден!“, стои во честитката на Костадиновски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.