Македонија
Николовски: Одлично напредува изградбата на системот за наводнување Колибари во Кичево

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска во Кичево изврши увид во градежните активности од изградбата на системот за наводнување Колибари- Црвивци. Изградбата на системот за наводнување Колибари- Црвивци започна во месец мај минатата 2023 година. Преку овој систем се опфаќа наводнување до нови 160 хектари обработливо земјоделско земјиште, покрај Зајашка Река.
„Изградбата на овој систем се одвива добро, според планираната динамика. Од вкупно 14,5 километри цевковод, до сега изработени се околу 12,5 километри цевковод. Паралелно веќе се изработуваат и шахтите за хидрантите, а веќе набавена е и целокупната опрема која треба да се вгради во шахтите. Преку оваа инвестиција директно им помагаме на повеќе од 2.000 жители од селата Колибари и Црвивци, кој се занимаваат со земјоделство, обезбедувајќи квалитетна вода за наводнување на земјоделското земјиште, а на тој начин го поттикнуваме земјоделското и одржливо сточарско производство“, изјави министерот Николовски.
Министерот Николовски истакна дека вложувањето во изградба на капитални инвестиции во водостопанството е една од значајните приоритети во нашата работа како министерство. Нашата посветеност, преку конкретни капитални проекти сме ја потврдиле во дело, сите овие години. Градејќи нови и реконструирајќи ги постојните системи за наводнување.
„Браната Конско целосно ја изградивме. Најголем водостопански проект изграден последниве 20 години во државата, но и најголемиот инфарструктурен проект изграден во гевгелискиот регион последниве 50 години. Сонот за изградбата на браната Конско, кој започнува уште од 1973 година, денес стана реалност“, изјави министерот Николовски.
Преку изградба на браната Конско се обезбедува потребната вода за наводнување на земјоделските површини, во текот на целата година. Преку ново вештачко езеро-акумулација и нов систем за наводнување, опфатени се околу 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Инвестиција вредна повеќе од 40 милиони евра, средства на министерството за земјоделство.
Браната Конско е единствениот водостопански објект, каде веднаш по завршувањето на браната, само ден потоа, беа отпочнати и активностите за изградба на хидросистемот за наводнување Конско, истакна министерот Николовски.
„Хидросистемот Конско е еден од четирите системи, заедно со системите Пепелиште, Страиште, и Лисиче, кои како дел од Програмата за наводнување на државата ги реализаираме. Станува збор за досега најголемиот водостопански проект, кој се гради, и по површина и по вредност. Преку кој наводнуваме нови 13.500 хектари обработливо земјоделско земјиште, а вкупната вредност на проектот за изградба на сите четири системи изнесува 120 милиони евра“, изјави министерот Николовски.
Сите овие капитални инвестиции значат навремена достапност на вода за наводнување на земјоделските посеви. Значат зголемено домашно производство на храна и намалени трошоци за производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.