Свет
Канада надмина 40 милиони жители, речиси една четвртина не се Канаѓани
Канада ќе достигне рекордни 40,77 милиони жители во 2023 година, најмногу благодарение на привремената имиграција, но порастот на населението не помина без предизвици, пишува Ројтерс повикувајќи се на Канадскиот статистички уред.
Канада беше побогата за 1,27 милиони луѓе во 2023 година, што е за 3,2 отсто повеќе од претходната година, што е највисок годишен пораст од 1957 година, според податоците на Канадскиот статистички уред.
Приливот на имигранти, сепак, се обвинува за недостаток станови, а цените на куќите и становите се толку многу зголемени што достапноста падна на ниски гранки. Сето ова многу му наштети на премиерот Џастин Трудо, кој се соочува со пад на популарноста.
Растот на населението, исто така, го намали бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител и придонесе за пад на продуктивноста, покажуваат бројките од последниот квартал. За ова особено предупредуваат економистите на Националната банка на Канада.
„Во 2023 година, 97,6 отсто од растот на населението во Канада се припишува на меѓународната имиграција (постојана и привремена), а само преостанатите 2,4 отсто потекнуваат од природниот прираст“, се вели во извештајот на заводот за статистика.
„Ова е втора година по ред кога привремената имиграција поттикнува раст на населението и трета година по ред со нето зголемување на жителите без дозвола за постојан престој“, додаде Канадскиот статистички уред.
Канада во голема мера зависи од имиграцијата за да ја поттикне својата работна сила и економскиот раст. Во 2021 година, речиси четвртина од населението не е родено во Канада, што е највисока цифра меѓу земјите од групата Г7, се вели во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во последниве месеци, либералната влада на Трудо се обидува да го спречи притисокот, донесувајќи мерки за ограничување на бројот на странски студенти и непостојани жители кои можат да влезат во земјата секоја година.
Се проценува дека на 1 јануари 2024 година, во Канада живееле 2.661.784 жители без постојана дозвола за престој. Од тој број, 2.332.886 имале работни дозволи и членови на семејството со кои живееле. Од нив 328.898 биле баратели на азил со или без студиска или работна дозвола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.
Свет
Почнуваат преговорите за американскиот мировен план за завршување на војната во Украина
Високи претставници на САД и на Украина, како и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија денеска во Женева, Швајцарија ќе разговараат за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина.
Новоименуваниот специјален пратеник за промоција на мировниот план за завршување на војната во Украина, Даниел П. Дрискол веќе пристигна во Женева, а се очекува да пристигнат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Во Женева ќе присуствува украинската делегација, предводена од шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак. Во Женева ќе присуствуваат и секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустен Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) на Министерството за одбрана Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Гнатов и други високи претставници.
Трамп пред два дена изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има рок до 27 ноември да го одобри планот од 28 точки. Но, Трамп вчера одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека неговиот мировен план за Украина не е конечен.
– Би сакале да склучиме мир, тоа требаше да се случи одамна. Војната во Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме, наведе Трамп.“
Европските и другите западни лидери подготвуваат координиран одговор на мировниот план на Трамп.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера изјави дека планот на Трамп е добра основа за работа, но оти договорот зависи од европски држави и од НАТО.
Мировниот план за Украина на Трамп содржи 28 точки. Украина изрази загриженост бидејќи планот вклучува неколку клучни руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали својата армија и да се откаже од членството во НАТО. Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени територии.
Предвидено е Украина да добие западни безбедносни гаранции за да спречи понатамошни руски напади.
Планот, исто така, предвидува огромен глобален пакет мерки за да ѝ се помогне на Украина веднаш да почне со обнова на уништената земја, вклучително и формирање на Украински фонд за развој, кој би инвестирал во брзорастечките индустрии, технологијата, центрите за податоци и во вештачката интелигенција.
Претходно Зеленски, коментирајќи го мировниот план, предупреди дека Украина „или ќе го изгуби достоинството или ќе ризикува да изгуби голем партнер“.
Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Москва го добила американскиот план и оти тој може да биде основа за мирно решавање на конфликтот.
Путин истакна дека Украина е против планот, но дека ниту Киев ниту европските сили не ја разбираат реалноста оти руските сили напредуваат во Украина и ќе продолжат доколку нема мир.
Лидерите на Нордиско-балтичката осумка (НБ8) вчера по разговорот со Зеленски објавија заедничко соопштение во се наведува дека „Русија сè уште не се обврзала на прекин на огнот или на какви било чекори што водат кон мир“.
НБ8 е регионален формат за соработка, кој ги вклучува Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска.

