Македонија
Мицкоски: Нападот врз ДУИ никогаш не е напад врз Албанците туку врз криминалот што го застапуваат
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, на денешниот настан на промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ се осврна на поранешниот коалиционен партнер, Демократската Унија за инреграција, твдејќи дека ќе одговараат за криминалот кој го вградиле во секоја една институција во изминатите години.
Мицкоски вели дека ДУИ е партија која го потчинила СДСМ и од нив направила ситна играчка во своите раце, а истовремено се заслужни и за криминализација на држата. Нападот врз ДУИ, рече Мицкоски, никогаш не е напад врз Албанците, туку напад врз криминалот кој тие го преставуваат и застапуваат. Според него, ДУИ секогаш тоа го извртуваат и го толкуваат како напад врз Албанците, но и Албанците на овие избори треба да му испратат јасна порака порака на Али Ахмети и ДУИ дека готово е.
„Тие, Демократската унија за интеграција, дваесет години се провлекуваат при промена на секоја власт, и иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. И секогаш кога ќе ги кажете работите онакви какви што се, тие ќе започнат да зборуваат за етнички теми и да обвинуваат дека некој има нешто против Албанците ако ги нападне овие криминалците од ДУИ. Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно. Затоа што и Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија“, рече Мицкоски.
Како што додаде мора да има правда за секого.
„На овие избори народот мора да излезе масовно и да гласа. Најпрвин ќе ги пратиме во опозиција, а потоа јас ви гарантирам и ви давам збор ќе одговараат за секоја солза, за секоја пролеана солза на мајка, баба, сестра, за чедото кое ја напуштило Македонија затоа што се чувствувале граѓани од втор ред, затоа што некој им ја украл иднината. И ако некој има дилема и мисли дека се шалам од оваа Конвенција од овде ќе им кажам исто како што до сега, што би рекол еден наскоро поранешен политичар одевме до крај подготвен сум и овој пат да одам до крај. Од една страна ДУИ криминалците, од друга страна ВМРО Коалицијата и народот. Ќе одиме до крај. Се додека и последниот не одговара“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Положено цвеќе пред споменикот на Драго Маневски, македонски бранител и припадник на безбедносните сили
Со положување свежо цвеќе пред спомен-плочата на припадникот на македонските безбедносни сили, Драго Маневски, беше одбележана 24-годишнината од неговата смрт.
Делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, положи свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот бранител и херој од 2001 година.
Драго Маневски, роден во Марино во 1966 година, го загуби животот на 11 ноември 2001 година во село Требош, како припадник на безбедносните сили на Република Македонија, борејќи се за својата татковина.
Македонија
Алиу: Годинава обезбедени 58 лека за 430 пациенти со ретки болести
Министерот за здравство Азир Алиу заедно со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ одржа прес-конференција по повод симпозиумот во рамките на кампањата „Ти си редок херој“ со заедничка цел да го унапредиме знаењето и практиката во раното препознавање и дијагностицирање на ретките болести.
„Ретките болести не се ретки за тие што живеат со нив. Оваа тема е од особена важност бидејќи матичните лекари како прва точка на контакт со пациентот имаат клучна улога за рано откривање и насочување на лицата со сомнеж за ретка болест. Во рамките на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдромот. Во регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација“, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу.
Најави дека во следниот период Министерството ќе работи на неколку приоритети, меѓу кои процена и анализа на достапната опрема за дијагностика на ретките болести во јавните и приватните здравствени установи, ажурирање на листата на лаборатории во кои се изведуваат биохемиски и генетски тестови, со посебен фокус на континуирана едукација на докторите, особено на лекарите по семејна медицина и на специјалистите за навремено препознавање, дијагностика и превенција на ретките болести, како и воспоставување јасна патека за движење на пациентите на примарно, секундарно и терциерно ниво во согласност со медицина базирана на докази и европските протоколи.
„До Владата веќе е доставена националната стратегија за ретки болести, која очекуваме да биде усвоена до крајот на годината. Таа стратегија ќе биде основен документ за подобрување на квалитетот на животот на лицата со ретки болести, и тоа не само преку терапија, туку и преку психосоцијална поддршка, рехабилитација и инклузија. Наша заедничка заложба како систем, како професионалци и како општество, е да обезбедиме навремена дијагностика, современ третман и достоинствен живот за секој пациент“, истакна Алиу.
Македонија
Почна имплементација на проектот „UrbanGreenLeap – мултифункционален пилот-парк во Волково“
Општина Ѓорче Петров почна со имплементација на проектот „UrbanGreenLeap – Мултифункционален пилот-парк во Волково“, поддржан преку Interreg Euro-MED програмата, кофинансирана од Европската Унија.
Од Општината информираат дека проектот има за цел да создаде современ мултифункционален зелен простор во населбата Волково, кој ќе претставува пример за одржливо урбано уредување, комбинирајќи рекреација, едукација и заеднички активности на граѓаните.
Цели на проектот се јакнење на капацитетите на локалната самоуправа за одржливо управување со зелените површини, поттикнување активно учество на граѓаните во процесите на урбано планирање, развивање урбани планови кои ја интегрираат природата и биодиверзитетот во секојдневното живеење и подобрување на зелената инфраструктура и намалување на ефектите од климатските промени.
„Со овој проект започнуваме нова страница во односот кон зелените површини. Волково и Ѓорче Петров добиваат пример за урбан, модерен и одржлив развој кој ќе ја интегрира природата во секојдневното живеење“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Вкупен буџет за проектот е 2.388.555,00 евра, и истиот е финансиран од Interreg ЕУ фондовите во износ од 1.910.844,00 евра. Период на имплементација е од 01.04.2025 до 31.12.2027.

