Македонија
Мицкоски: Два милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат Македонија
Државата не е само наша припадност, туку и наше наследство, кое многу генерации претходно скапо го платија и да бидеме свесни дека секоја педа македонска земја е натопена со многу страдања, борби и крв. Не е ова само наша своевина туку и наследство и слобода кон која се обврзуваме. Дојде моментот и часот кога време е сите заедно да ги промениме работите, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан на промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“
„Да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме таа надеж и сила и структура која овој пат има озбилна намера да ја обнови Македонија“, нагласи Мицкоски.
„На прагот сме на голема победа. И таа победа зависи од секој еден човек на Македонија. И таа победа нема да биде само наша, туку ќе биде на сите пристојни луѓе кои овој пат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства, за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата сила за промени кои Македонија мора да ја врати на народот. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне конечно да функционира онака како што очекуваат граѓаните“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека победа која ќе испрати порака дека 2 милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат Македонија. Победа за крај на обезличувањата, победа за крај на криминалот и корупцијата која го јаде секое здраво ткиво.
„Ваша одлука, но наша заедничка победа за нова енергија на луѓе кои безусловно ја сакаат Македонија. Заедно, со огромната сила на народот од денес го почнуваме последниот и финален чин на тоа да си ја вратиме Македонија и Македонија да биде повторно ваша, наша, Македонија да биде повторно твоја. На секој еден пристоен човек кој знам дека ќе реши да се бори за својата иднина. Победуваме со силата на многумина кои мора да излезат на гласање ако сакаат промени. За Македонија повторно твоја за промени кои се во твоите раце“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

