Македонија
ОМД го осудува вандализмот на Македонскиот православен манастир Свeти Атанасиј во Тетово
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) изразува силна осуда за неодамнешното вандализирање на Македонскиот православен манастир Свети Атанасиј во Тетово, Македонија.
„Во жалосен чин на непочитување и нетрпеливост, на мета беше манастирот, свето место за Македонската православна заедница, во време кога верниците свечено постат за православниот Велигденски пост и Рамазан. Овој злонамерен чин не само што ја нарушува светоста на верската институција, туку ги поткопува и принципите на мултикултурализам и верска толеранција кои се суштински за едно кохезивно општество.
ОМД се солидаризира со Македонската православна заедница и сите засегнати од овој осудувачки чин. Ги повикува властите брзо да го истражат овој инцидент и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата. Понатаму, апелира за зајакнати мерки за заштита на верските објекти и за поддршка на основните права на сите поединци да ја практикуваат својата вера без страв од прогон или дискриминација.
„Актите на вандализам врз верските институции не се само напади врз физичките структури, туку и врз вредностите на мирот, толеранцијата и соживотот“, изјави Методија А. Колоски, ко-основач на ОМД и почесен претседател.
„Сега повеќе од кога било, императив е заедниците да се здружат во солидарност и да ги отфрлат сите форми на омраза и фанатизам.
ОМД ја потврдува својата посветеност за промовирање на верските слободи, културната различност и меѓусебното почитување во Македонија и пошироко. Ги повикуваме сите засегнати страни, вклучително и владините власти, граѓанските организации и верските водачи, да се здружат во негувањето на општество каде поединци од сите вери и потекла ќе можат да живеат и да напредуваат во хармонија.
Обединетата македонска дијаспора е водечка меѓународна невладина организација посветена на промовирање на интересите и потребите на Македонците и македонските заедници ширум светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

